Од ковид-19 почина вработен во затворот во Битола – 16 затвореници заразени со вирусот

Едно лице на 47 години, вработен во битолскиот затвор „Црн мост“ починал во болнички услови како последица од Ковид-19. Во исто време во затворот позитивни на вирусот се 16 осуденици со полесни симптоми, освен едно лице кое е примено да се лекува во битолската болница, објавува Независен.

Директорката на Битолската клиничка болница д-р Билјана Гагачовска за „Независен“ потврдува дека вработениот во битолскиот затвор десеттина дена бил со симптоми пред да побара болничка лекарска помош.

„Пациентот беше примен во тешка состојба со добиен податок дека десеттина дена имал симптоми. Примен е на 24 декември поради влошена состојба и пад на сатурацијата. Иако му беше дадена соодветна терапија и преземени лекарски мерки, пациентот почина утрото на 25 декември“, ни изјави д-р Гагачовска.

Од битолскиот затвор поврдуваат дека се тестирани 20 осуденици од кои 16 покажале дека се позитивни на вирусот.

„По добиените резултати предложено е лекување на осудениците во домашни услови со редовни контроли од медицински персонал. Само едно лице се спроведува до Клиничката болница во Битола, и тоа наутро и попладне за инфузија. Сѐ е во координација и насоки на епидемиолог од Центарот за јавно здравје. На сите позитивни лица им е направена анкета и ќе остварат контакт со своите матични лекари“, изјави за „Независен“, Драган Крајовски, директор на затворот „Црн мост“ во Битола.

Директорката на болницата, Гагачовска, вели дека доколку се појави потреба за хоспитализација на затворениците кои се позитивни на Ковид-19, Инфективното одделение во Битола има услови по протокол за третман на затвореници.

По констатирањето на позитивни случаи во затворот се преземаат дополнителни превентивни мерки покрај веќе постојните кои се во согласност со препораките за заштита од Ковид-19. Во мензата веќе е набавен пластичен прибор за јадење, а се набавени и апаратчиња за мерење на сатурација, велат од затворот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.