Од лажниот Порошенко до грантови за функционери – најголемите скандали на  владата на Заев

Од стотици илјади евра грантови за фирми на роднини на владини функционери, тендери за компании на вицепремие до непотизам и сериозни индиции за криминал – ова е дел од скандалите кои се појавија во изминатите две години откако СДСМ на чело со Зоран Заев е на власт.

Заев разговара со лажните Порошенко и Столтенберг

Вели е во одлично друштво бидејќи на истата измама „паднале“ и Макрон, Ердоган, Столтенбер, Борис Џонсон. Но, она што ја прави големата разлика меѓу случајот на Заев и разговорите на руските шегобијци со останатите државници е тоа што тие по само неколку минути ја разоткриле измамата и притоа во ниту еден дел од нивните разговори не може да се препознаат индиции за криминал. Заев, од друга страна, во вториот разговор со Вован и Лексус се слуша како е подготвен да даде поткуп од 100 илјади евра на патријархот на православната црква, Вартоломеј за да ја признае автокефалноста на МПА-ОА. На „Порошенко“ му се нуди да прават заеднички бизнис во Македонија, открива информации кои му ги довериле други државници, а го открива и бројот на американскиот помошник државен секретар, Вес Мичел.

Рашковски вмешан во сомнителен тендер за МНАВ

Премиерот Заев се најде под притисок на јавноста и во позиција да мора да се извинува и во случајот со сомнителниот тендер во МНАВ. Аферата изби откако медиумите објавија аудио снимка од состанок на еден од најблиските соработници на премиерот, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски со претставници на италијанската компанија „Леонардо“ со која МНАВ потпиша договор за набавка на опрема вредна седум милиони евра. Од снимката покрај индициите дека Рашковски договора провизија за добиениот тендер од “Леонардо“, се слушаат и навредливи зборови за Италијанците, Ромите, но и други народи. Рашковски одби да понесе одговорност и понуди само извинување за навредите кои ги изговара на состанокот. За сомневањата за криминал се произнесе дека се’ било сторено согласно законот. Околу сомневањата за законитоста на постапката за избор на компанијата која ќе гради нов радарски систем за контолата на летање на аеродромот во Петровец, Нетпрес објави уште во декември лани непосредно пред потпишувањето на договорот со „Леонардо“. Тогаш, повикувајќи се на неофицијални информации  од МНАВ, објавивме дека се бара повторување на тендерот бидејќи ниту двете компании меѓу кои се избира не доставиле понуда која одговора ценовно или пак во потполност ја гарантира безбедноста на македонското небо.

Градоначалникот на СДСМ, Курто Дудуш тепа, МВР заташкува

Градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, по вербална расправија, физички нападнал граѓанин и тоа во неговиот кабинет, објави Нетпрес на почетокот на мај годинава. Месец ипол подоцна во медиумите се појави и аудио снимка на која се слуша како Дудуш малтретира, му се заканува и наводно удира свој сограѓанин од Шуто Оризари.  По скандалот се појавија и информации поткрепени со документи од Министерството за внатрешни работи кои упатуваат на обид да се сокрие инцидентот и Дудуш да се спаси од кривична пријава. Официјално истрага е отворена за случајот, но засега никој не е повикан на одговорност.

Грантови за роднини на владини функционери

Грантови наменети за иновации во малите и средни претпријатија завршија во рацете на фирми во сопственост на функционери од власта или нивни блиски роднини, како и кај медиуми блиски до власта. Таков пример беше грантот од 330 илјади евра за фирмата на снаата на советничката на премиерот, Цветанка Ласкова. На списокот на доделени грантови во износ од 160 илјади евра, се најде фирмата “Каст инвест“ каде што малцински косопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој по притисокот на јавноста се откажа, но и ги повика своите бизнис партнери да се откажат од сумата од 160 илајди евра, пари кои ги доби фирмата од Фондот. На удар се најде и пратеникот Хари Локвенец, кој како коспоственик на печатницата “Гинис“ од Прилеп исто така доби сума од 160 илјади евра од Фондот за иновации. По реакциите од јавноста истрага покрена и Јавното обвинителство.

Фирмите на Анѓушев добиваат државни тендери

Фирмите на вицепремиерот Кочо Анѓушев продолжија успешно да работата и по неговото стапување на владината функција. Во изминативе две ипол години неговите компании добија повеќе договори со државни компании и институции. Ова се случува и покрај најавата на вицепремиерот веднаш по неговото именување дека неговите фирми нема да учествуваат на државни тендери.

Во август лани се објави дека „Брако“ на Анѓушев добила четири тендери во вредност од 2,3 милиони денари.  Вниманието на јавноста сепак најмногу го привлече информации дека Анѓушев продал една од своите компании на грчкото електростопанство за пет милиони евра.

Државна стипендија за ќерката на министерот Димитров

Во екот на забраната за финансиски исплати по Изборен законик, ќерката на шефот на македонската дипломатија и потписник на Договорот со Грција, Никола Димитров, добила стипендија од министерката за образование Рената Дескоска, од Македонија да се школува дома во Холандија.  На 4-ти август 2017-та година тогашната министерка за образование Рената Дескоска, со решение број 14-9573/1 формирала комисија за доделување на стипендии за додипломски студии во странство. Веднаш, истиот ден (петок) комисијата се состанува и итно одлучила по барањето на Јана Димитрова, ќерка на тогашниот и сеуште актуелен министер за надворешни работи Никола Димитров, да и додели стипендија за студии во Холандија во висина од 40.000 долари.

Бадеми и морски плодови за министерката, расипана храна и стара опрема за војниците 

Името на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска се врзува за неколку скандали од набавка на бадеми за министерскиот кабинет до грантовите за едукација за НАТО. Пет илјади евра беше вредноста на договорот за набавка на апетистани за кабинетот на Шекеринска, за кратко потоа да се набавуваат и морски плодови во вредност од над 80 илјади евра. Сето ова додека на војниците во касарните им се дели храна со поминат рок, а тоалетите во армиските објекти се далеку од НАТО стандардите. Последниот скандал делењето на грантови за НАТО едукација на невладини организации во кои членуваат министри.  Во август лани на невладината „Мултикултура“ каде заменик претседател на Управниот одбор е екс министерот Зоран Шапуриќ се доделени 400 илјади денари, 150 илјади евра добила „КХАМ“ каде основа и претседател на исто така поранешниот министер без ресор Аксел Ахмедовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.