Од МНР демантираат дека Бугарија има нови барања за Македонија

Во врска со појавени шпекулации во јавноста за нови взаемни документи меѓу Северна Македонија и Бугарија, дозволете да информираме дека Министерството за надворешни работи со внимание го следи процесот на формирање на Службената Влада на Република Бугарија и развојот на внатрешните и надворешните политики, при што охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата Влада, се вели во соопштението испратено од Министерството за надворешни работи.

„Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори. Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, велат од МНР.

Вчера во нашите медиуми беше проследена изјавата на новиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, пренесе Македонската информативна агенција (МИА).

– Непосредните задачи во однос на билатералниот дијалог со Северна Македонија вклучуваат усвојување писмен документ со кој ќе се дефинираат конкретните задачи пред институциите во Бугарија со конкретно закажани обврски – изјави техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија.

Изјавата на Милков кај опозицијата предизвика сомнеж дека Бугарија подготвува документ, со кој ќе бидат испорачани нови барања кон Македонија, кои не се содржани во протоколот потпишан меѓу двете министерства за надворешни работи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.