Од нас зависи – ќе не избришат или ќе постоиме

страшо ангеловски

Најверојатно ова ќе биде најкусиот текст што некогаш сум го напишал. Поведен токму од дилемата дали ќе постоиме или ќе бидеме избришани и како народ и како унитарна држава, свесен за вистината дека само од нас зависи, по којзнае кој пат, ќе ја преповторам приказната за царот и црната дупка пред неговиот замок. Приказната оди вака:

Пред замокот на царот беше се распослала една голема црна дупка, онаква каква што на пример во Брезница, во околината на Скопје, ја нарекуваат – пропаст. Дупка, која не само што била грда за гледање, туку и опасна за жителите на царството. Се’тики некое грло стока, а неретко и некое од дечињата што играле во близината, ќе пропаднеле внатре, во пропаста и ќе загинеле. Жителите, ама и нивните гости, се плашеле од пропаста, па почнале од далеку да ја заобиколуваат.

Царот, несреќен кога ќе загинело некое детенце, вознемирен од можноста за уште несреќи и згрозен од грдотијата на црната пропаст, решил да преземе нешто. Ги повикал мудреците кај себе и побарал совет како и тој и жителите и царството да се спасат од пропаста која ги демне?

Откако длабокоумно подумале, мудреците го посоветувале царот што треба да стори. Па, му рекле – во среда, како среќен ден, ќе ги ослободиш сите жители од работа и ќе побараш уште рано изутрина да излезат од дома и секој од нив да дојде и да истури по една чаша вода во пропаста. Така, му рекле тие, сите заедно дупката ќе ја наполниме со вода и наместо црна пропаст, ќе направиме прекрасно езеро, кое потоа обновувајќи ја околината ќе го облагородиме со дрва и цвеќиња и наместо страшната закана за нашите деца, ќе добиеме место во кое сите ќе сакаат да уживаат.

Царот, среќен и задоволен, сторил токму така – ги ослободил од обврските и ги повикал сите жители во среда да излезат со чашата вода в рака, да се ослободат од пропаста и да си го разубават царството.

Арно ама, во средата утрото, секој од жителите, погледнувајќи ја малата чаша со вода, со која нели треба да се спасат од пропаста, си рекол – та, и без мојата мала чаша со вода другите ќе ја наполнат дупката и ќе се спасиме од пропаста. Така, само малкумина излегле и го истуриле својот дел од водата, па, дупката си останала и како црна пропаст останала да ги демне нивните деца.

Прочитајте ја приказнава, раскажете им ја на сите на кои можете, за да станат свесни дека во среда, токму нивното крукче со пенкалото на избирачкото ливче е чашата вода што треба да ја истурат за да ја наполнат црната дупка и да ги спасат сопствените деца од грдата пропаст. Повикајте ги да им веруваат на мудрите и да разберат дека само сите заедно од црната пропаст можеме да создадеме прекрасно езеро околу кое ќе сакаат да живеат нашите деца.

Зошто, според еден од основачите на Конзерватизмот, Едмунд Бурк, за да триумфира злото, доволно е добриот човек да не преземе ништо.

И навистина – од нас зависи.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес