Од понеделник се отвораат студентските домови

Од понеделник, студентските домови во Скопје се отвораат за студентите,  најавија министерката за образование и наука Мила Царовска и директорот на Државен студентски центар Дарио Николовски, по денешната посета на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Домовите ќе функционираат според посебни протоколи, со ограничен број станари.

– Важно ни е да обезбедиме сместување за учениците и студентите кои ќе имаат комбинирана или настава со физичко присуство во училиштата и на факултетите. По дадените критериуми, коишто беа објавени, во ученичките домови во 2020/2021 година се приемни 1.193 ученика. Согласно новите протоколи имаме слободни или отворени 1.058 места, а вишокот од 135 ученици се распоредени, зборувам за Скопје, во Студентскиот дом „Сенич“. 73 ученика коишто се од Битола и Струмица исто така ќе добијат можност да патуваат до своите места или да се сместат согласно новите законски измени коишто се во Собранието и закажани за седница на 6 октомври, што значи дека ќе се обезбеди сместување и за нив. Во другите ученички домови имаме 160 слободни места – нагласи министерката Царовска.

Таа потенцира дека согласно новите протоколи поради пандемијата со Ковид-19 капацитетот во студентските домови во Скопје е 2.080 места, а досега вкупно се примени 1.614 студенти.

Царовска рече дека има и дополнителни слободни места за сместување на студентите, доколку во следниот период некои факултети го променат начинот на изведување на наставата од онлајн преминат во настава со физичко присуство.

Таа нагласи дека веб страницата на Министерството за образование и наука и на апликацијата digitalizirajse студентите кои доаѓаат од социјално ранливи семејства имаат можност да аплицираат за еднократен износ.

– Ве молам да аплицирате доколку ги исполнувате условите. Повикот трае до 10 октомври и тој трансфер ќе треба да се направи во наредниот период до оние на коишто им следува. Тој трансфер од 6.000 денари може да го искористат за сместување, но исто така и за партиципација. Доколку сте добиле право на сместување тогаш е добро да се искористи овој трансфер од 6.000 денари за партиципација на факултетите – нагласи министерката Царовска.

Директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, кој ја придружуваше министерката Царовска при посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, потсети дека Владата пред 10-ина дена донесе одлука за отворање на студентските домови на 5 октомври, но со намален капацитет.

– Секоја соба која што ќе има до две легла ќе сместува максимум еден студент, секоја соба која што ќе има повеќе од две легла ќе сместува максимум двајца студенти. На самите влезови на студентските домови ќе бидат инсталирани бесконтактни диспанзери коишто ќе служат за дезинфекција, дезобариери и сите пропратни елементи коишто ќе го чинат новиот начин на живеење во студентските домови. Ќе се забранат користењето на заедничките простории, користењето на мензите ќе бидат на начин на којшто секоја маса од другата маса ќе биде одделена на два метри, а на секоја маса за четворица ќе може да бидат максимум по двајца студентите – истакна Николовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.