Од понеделник започнува августовски рок за полагање на државна матура

Речиси 3.700 матуранти кои од оправдани причини не полагале државна матура во јунскиот испитен рок, и оние кои не положиле некој од предметите, ќе полагаат матура во августовскиот рок, кој стартува сладниот понеделник, изјави на денешната прес конференција министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми.

„Државната матура ќе се спроведе во 21 училиште во целата држава. Распоредот на учениците во кое училиште ќе полагаат ќе биде објавен утре на веб страната на Државниот испитен центар www.matura.gov.mk . Како и во јунскиот испитен рок, така и во августовскиот, сите испити почнуваат во 10:00 часот. Прелиминарните резултати од државната матура ќе бидат достапни најдоцна 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит. Учениците кои нема да бидат задоволни од добиената оценка по некој предмет, имаат право на приговор кој треба да се достави до Државниот испитен центар. По завршување на процесот на приговори, ќе бидат објавени и конечните резултати од државната матура од августовскиот испитен рок“, рече Адеми.

IMG_3878-001

На 11.08.2014 (понеделник), ќе се одржат испитите по мајчин јазик и литература, (македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература), на 13.08.2014 (среда), ќе полагаат матурантите кои одбрале странски јазик, (англиски, француски, германски и руски јазик), на 14.08.2014 (четврток), се полага математика (основно и напредно ниво), естетика и филозофија и на 16.08.2014 (сабота), ќе се спроведат испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис. Интерните предмети матурантите ќе ги полагаат во периодот од 19 до 23 август, додека презентацијата и одбраната на проектната задача ќе се спроведе од 19 до 22 август.
Адеми информираше дека екстерната проверка на знаењето на учениците ќе се одржи на 14, 15 и 18 август. Ќе полагаат 2.685 ученици по еден или два предмети. Учениците ќе знаат три дена пред полагањето по кој предмет ќе бидат тестирани. Рспоредите за екстерното тестирање ќе биде објавени на веб страната www.prasanjaeksterno.dic.edu.mk и на огласните табли во училиштата.