Од пред Собранието граѓаните побараа отфрлање на договорот за името и оставка од владата

Движењето „Бојкотирам за уставни промени“ на протестот во неделата вечерта од пред Собранието побара прекин на процесот за менување на Уставот, отфрлање на договорот со Грција за промена името на земјата и оставка од Владата за да се одржат предвремени парламентарни избори.

Од движењето Бојкотирам за уставни промени соопштија дека полицијата запрела 70 возила, во кои бесплатно се превезуваа демонстранти кон Скопје, за да не стигнат на протестот. Граѓаните, исто така, од неделата рано попладнето на социјалните мрежи обајвуваа видео снимки на кои беше јасно прикажано дека полициски контроли вршат проверки и ги задржуваат автобусите и возилата со кои граѓаните се превезуваа на протестот во главниот град.

Говорниците бараа да се сочува македонскиот идентитет и да не спроведуваат, како што велат, штетните договори со соседите. Се противат и на додавање на рамковниот договор во преамбулата на уставот, а правата на етничките заедници да се гарантираат. Бројните присутни и покрај студеното време и снегот, кои успеаја да дојдоа на протест ги поддржуваат овие ставови.

Помал инцидент се случи на почетокот на протестот, кога редарите и обезбедувањето го спречија поранешниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, да се качи на бината и да им се обрати на присутните. Организаторите велат дека Петровски не бил воопшто дел од програмата на собирот и дека тој и други поединци може да организираат сопствен протест.