Од следната среда аеродромите започнуваат со работа

Следната недела в среда на 1-ви јули целосно ќе бидат отворени за сообраќај двата аеродрома во земјава, а во моментов се работат протоколите за работа на аеродромите. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека согласно протоколите коишто ги работат ТАВ и Комисијата за заразни болести ќе се види точно како треба сите да се однесуваат коишто сакаат да патуваат до Македонија и се разбира надвор од Македонија. Инаку ТАВ вчера ги објави протоколите по ко иќе работат аеродромите во услови на пандемија со ковид-19.

Како што соопштија вчера од „ТАВ Македонија“ патниците ќе треба да пристигнат на аеродромот најмалку три часа пред нивниот лет, да носат заштитна маска постојано, да одржуваат физичко растојание и висок степен на лична хигиена. Во однос на Меѓународниот аеродром Скопје, за полетувања, единствен отворен влез за патниците во зградата ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на агентите за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите и да ги дезинфицира рацете на бесконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.

Потоа на патниците ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери и доколку немаат покачена телесна температура ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација.

Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, ниту на заминување, пристигнување или кај излезите , туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани, беше наведено во соопштението од „ТАВ Македонија“.

Аеродромите во земјава беа затворени на 16 на март годинава, веднаш по појавувањето на пандемијата со коронавирусот КОВИД-19. Оттогаш работеа само за државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови.