Од училишните клупи излегуваат горди конформисти, наместо млади луѓе со иницијативност и визија

Македонија долго време важеше за земја во транзиција што се отслика и во образованието. Денес имаме ученици со високи оценки и сериозен недостиг на теоретски знаења и уште помала способност за примена на истите, понатаму имаме висок степен на граматичка неписменост што предизвикува сериозно искривување на македонскиот литературен јазик, рече професор Христина Серафимовска, член на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во Штип во организација на партијата, а на тема Современи образовни политики.

Според неа „од училишните клупи излегуваат горди конформисти, наместо млади луѓе со иницијативност и сопствена визија за својата иднина“.

Серафимовска укажувањата ги потврди со неколку истражувања и резултатите од нив.

„Според ПИСА тестирањето во 2018 година бевме погубно рангирани за најслаба земја во регионот, во 2021 година на пробното тестирање во делот на математичка писменост и научна писменост што опфаќа познавање на природни науки една четвртина од прашањата воопшто не беа одговорени, а од одговорените 50 до 70 проценти беа неточни. Потоа голем дел од учениците не ги разбираат речениците. Замислете да ја ставите таквата личност како активен општествен чинител во посложен контекст и треба да носи одлуки“, рече Серафимовска.

Серафимовска укажа дека погубно е дека нашиот образовен систем произведува луѓе кои на пример не разликуваат добро од лошо.

„Во изминативе години ни недостигаше сопствена визија за автентичен образовен модел, не треба да ги следиме туѓите примери со буквално преземање на истите. Тоа не дава резултати. Неопходна ни е сопствена визија за образованието“, посочи Серафимовска.