Од утре ќе работат до 21 часот рестораните и угостителските објекти

Владата на 40. седница по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката за работното време на рестораните и другите угостителски објекти, со која од утре, 21 јануари, се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот. Согласно овие измени, рестораните и угостителските објекти од утре ќе работат до 21:00 часот.

-После 21 часот ќе бидат затворени за посетители сите угостителски објекти и ресторани, како и угостителските објекти или делови за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објект за сместување, како и објектите со угостителска дејност на бензинските станици, соопшти вечерва владината прес-служба.

Исклучок од оваа одлука се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и рестораните или деловите за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување за лицата сместени во овие објекти.

Од Владата посочуваат дека угостителските објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин со онлајн или телефонски нарачки и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд или пулт со почитување на основните мерки за дезинфекција, носење маски и одржување дистанца.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.