Од утре почнува далечинско учење за сите ученици

Од утре учениците и студентите ќе го продолжат своето образование преку далечинско учење. Ова го соопшти министерот за образование Арбер Адеми, кој рече дека на предлог на МОН, владата донесе уредби за наставата во сите степени -основно, средно и високо да се изведува on-line, односно далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација. Секоја институција ќе одлучува за формата, а наставникот може да изврши оценување на учениците. Може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Станува збор за веб платформа, по примерот на Хрватска, која се подготвува од Бирото за развој за образованието во соработка со УНИЦЕФ. Видео лекциите за сите одделенија и сите предмети ќе траат 15 минути со нарација и објаснување од наставник , кој сам ќе се пријави за оваа цел. До сега се пријавиле 600-тини наставници, бројка која постојано расте. До сите наставници се доставени обрасци и упатства за да ги подготват лекциите. Адеми информираше дека досега наставниците испратиле над 1000 идеи за лекциите, а подготвени се 400-тини. Лекциите нема да се повторуваат, за една тема ќе има една лекција. Платформата се надополнува секојдневно, и министерот замоли за трпение. Интернет страницата на која ќе можат да се вклучат е www eduino.gov.mk