Од утре поевтина струја за прехранбената индустрија, комуналнитe претпријатија и училиштата

Повеќе компании од прехранбената индустрија, јавни водоводни комунални претпријатија и основни и средни училишта од утре па до 30 април идната година кога истекува кризната состојба во енергетиката ќе се снабдуваат со електрична енергија по повластена цена преку „ЕСМ продажба“.

Согласно одлуката на Владата, компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.

До 23 ноември, крајниот рок за пријавување за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември, беа пријавени 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор. Властите најавуваа дека субвенционирана струја ќе добијат околу 1.000 субјекти од прехранбениот сектор од кои 600 мали пекарници. Според нив, релативно малиот интерес покажан за пријавување за добивање струја по повластена цена се должи на фактот што голем дел од нив имаат важечки договори за снабдување со електрична енергија, а некои и веќе имаат поставено сопствени фотоволтаици. Сепак, дел од ние што навремено не се пријавиле имаат можност тоа да го направат во следните денови и од 1 јануари да бидат снабдувани со електрична енергија по повластена цена.

Властите велат дека од 1 декември сите компании кои можат да ја користат мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час ќе треба да ги намалат цените на производите.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна порача дека мерките за субвенционирана електрична енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи се направени со цел за најмалку за 10 проценти да се намалат цените на таквите производи.

-Со последната мерка на Владата обезбедивме поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Резултатите веќе се евидентни, одредени производители ја намалија цената на лебот, а цената на маслото за јадење на одредени произведувачи е намалена и за 40 денари. Очекувам во наредните денови до 10 отсто намалување на цените на основните прехранбени производи. Ова е време на одговорност, не е време за профит, порача завчера Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, неодамна рече дека се знае какви одлуки ќе се носат на Влада ако од 1 декември нема намалување на цените на основните прехранбени производи согласно компонентата или, пак, инпутот на електрична енергија.

-Од 1 декември треба да ги видиме резултатите на пазарот на коригирани цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци додека трае кризната состојба очекувам да продолжи намалувањето на нивните цени. Намалувањето за 10 отсто е реално согласно сите анализи кои се направени од страна на Министерството за економија и другите институции, истакна Бектеши.

Најави дека Државниот пазарен инспекторат во континуитет ќе врши контроли кон трговците на големо и на мало за почитување на мерката за ограничени маржи при утврдување на цените. Дополнителни контроли, како што кажа, се очекуваат од 1 декември.