Од вчера терапија за уште 4 пациенти со цистична фиброза, соопштија од Клиниката за детски болести

Универзитетска клиника за детски болести соопшти дека терапијата Kaftrio во комбинација со Kalydeco (познатa како Tricafta во САД) почна да се дава пред 1 месец кај 8 пациенти, а од вчера и кај уште 4 пациенти со цистична фиброза на Универзитетската клиника за детски болести и на Универзитетската клиника за пулмологија. Терапијата е индирана кај пациенти со цистична фиброза кои имаат 6 и повеќе години и барем една F508del мутација во генотипот.
Во услови кога не е обезбедена терапија со Kaftrio за сите пациенти со цистична фиброза кои ги исполнуваат критериумите за истата (околу 80), предност за терапија им даваме на пациентите со полоша белодробната функција изразена преку FEV1 (форсиран експираторен волумен во првата секунда). Договорот за тоа кои пациенти ќе бидат вклучени е помеѓу докторите од двете клиники кои се одговорни за лекување на пациентите со цистична фиброза.
Со обезбедување на терапија за поголем број пациенти, Kaftrio во комбинација со Kalydeco ќе добијат и пациентите со умерена белодробна болест, се додава во реакцијата на Клиниката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.