Одам од место во место бидејќи во кампањата го барав гласот од народот со ветувањата кои ги даваа градоначалниците

Јас лично и лидерите на партиите коишто влегоа во операцијата за изгласување на недоверба на Владата, бевме водени од идејата во моментот кога видовме дека актуелната Влада направи многу проблеми кои само ќе се продлабочуваат, а нема капацитет за да ги реши. Ние како државотворна партија сакавме да влеземе во костец со проблемите и да помогнеме. Никој од нас, во ниту еден момент не размислуваше за грабање на власта, тоа не нè интересираше. Но, тие се одлучија да изведат дивјачки чин. Иако господинот Кастриот Реџепи презентираше една вистина, тој и самиот знае дека тоа што го вели не е точно. Се гледа од неговите фацијални експресии дека тоа што го говори не е ниту приближно до вистината. Но тоа е сега зад нас, потенцираше Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за порталот „Плусинфо“.

– Новото опозициско делување што го најавивме е новитет во политичката историја на Македонија. За првпат една опозициска партија направи толку добар резултат на локалните избори. Имаме 42 градоначалници, а ја поддржавме и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Во моментов се реализира тоа што е ветено на изборите. Затоа и јас постојано одам од место во место, бидејќи во кампањата го барав гласот на народот со ветувањата што ги даваа градоначалниците. Околу две третини од жителите во земјава живеат во општините во кои на власт се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.