Одбележан Денот на здравите дојки во Мала станица

Одбележан Денот на здравите дојки
Одбележан Денот на здравите дојки

Во рамките на Месецот за борба против ракот, денеска во Мала станица беше одбележан Денот на здравите дојки со мини изложбата „Рутина“ што ја подготви списанието „Лице в лице“ во соработка со „Бимилк“ и здружението „Борка“, објави МИА.

Присутните имаа можност да добијат пакети картички со пет различни дизајни како потсетник за самопрегледот на градите што секоја жена треба да го прави еднаш во месецот. Секој што ги доби картичките ќе треба да им ги подели на припаднички на понежниот пол кои најмногу му значат.

Во рамките на настанот, беше промовиран и новиот број на уличното списание „Лице в лице“ чие што печатење е поддржано од „Бимилк“ а во чиј фокус е превенција од ракот на дојка.

– Денешната изложба и промоција на новиот тематски број на уличното списание Лице в Лице е уште една активност во месец октомври преку која настојуваме да ја едуцираме и информираме јавноста дека раната детекција на ракот на дојката може да значи и успешно лекување на болеста – изјави Биба Додева, претседател на Здружението Борка.

Таа порача дека денешниот настан ја пренесува пораката дека со заеднички напори на невладиниот и бизнис секторот и поддршката од државните институции можеме да се постигне многу повеќе, дека нашиот глас ќе се чуе многу подалеку и ќе допре до повеќе жени.

– Овој број на „Лице в лице“ одлучивме да го посветиме на превенцијата од ракот на дојка поради процентот на смртност во земјава од оваа болест кој според податоците од последното истражување на „Глобокан“ од 2012 година, се наоѓа на првото место од вкупната смртност од канцер во земјава кај жените, иако неговото рано откривање речиси секогаш завршува со позитивен резултат. Во овој број на списанието, во соработка со „Борка“ и „Бимилк“отвораме прашања фокусирани на реформите во здравството, но и на стигмата која што ја задушува информираноста – рече Климентина Илијевски, извршен директор и главен и одговорен уредик на „Лице в лице“.

Наташа Булеска, жена која се изборила со болеста, на жените заболени од рак на дојка, посебно на оние помладите им порача дека нивните потреби треба да бидат чуени и одговорени.

– Жените кај нас не зборуваат гласно за своите маки. Не знам дали се чувстуваат осамени, дали мислат дека ќе бидат „обележани“ или пак не сакаат да ги оптеретуваат другите со својата болест. На сите нив сакам да им кажам дека нивните прашања и дилеми се вредни за разговор, дека нивните потреби треба да бидат чуени и одговорени. Сакам да им кажам дека не треба да се плашат, дека пред нив е животот кои можеби веќе никогаш нема да биде ист, но може да биде уште поисполнет – рече Булеска.

На кавер страниците на најновиот број на „Лице в лице“ се Наташа Петровиќ, Емра Куртишова, Симона Спировска и Мартин Јорданоски, актери од Театарот за деца и младинци, кои широко ја прифатија иницијативата на „Лице в лице“ да се фотографираат, со цел да се подигне свесноста за оваа тема и да се испрати заедничка порака за важноста од раната дијагноза како основен предуслов за победа над ракот на дојка.

Во списанието, се отвораат прашањата: Зошто Македонија нема регистер на болни од рак на дојка? Дали реформите во здравството значат само нови апарати? Колку редовните (само)прегледи се клучни за раната детекција на канцер на дојка? Како минува процесот на лекување и како до квалитетен живот и после ракот на дојка?

Новиот број на „Лице в лице“ се продаваше и претпромотивно на маршот „Напред розово“, што се одржа на 4 октомври, како дел од кампањата за борба против ракот на дојка.

Розовата прошетка веќе втора година  е поддржана и од компанијата „Бимилк“. Под мотото „Розови и здрави“ БиМилк организираше акција во која дел од средствата за секој купен Битолски јогурт се донираат за активности наменети за превенција на ракот на дојката.