Со положување свежо цвеќе на споменикот Јане Сандански во истоимениот парк денеска градоначалникот на Општина Аеродром ја одбележа 143-годишнината од раѓањето на овој голем македонски револуционер.
Свежо цвеќе на споменикот положија делегации на Општина Аеродром, на Советот на Општина Аеродром, на основните училишта и градинките на територијата на Општина Аеродром, како и делегации од други институции.
Јане Сандански кој бил познат како Сандан или Пирински цар, е роден на 18-ти мај 1872 година. Бил истакнат револуционер, војвода и раководител на Македонската револуционерна организација. Во 1899 година се запознал со Гоце Делчев и Ѓорче Петров и преминал во ТМОРО. Бил главен организатор на запленувањето на мис Елен Стон. Се противел на решенијата на Солунскиот конгрес во 1903 година за востание. Учествувал на Рилскиот конгрес во 1905 година и на окружните конгреси во Серскиот округ.
Учествувал во Првата балканска војна, го ослободил Мелник како претходница на Бугарската армија, дејствувал при заземање на Рупелската Теснина, каде со придружба влегол во Солун во 1912 година и дошол до судир со бугарските офицери поради своите ставови за автономна и независна Македонија.
Починал на 10-ти април 1915 година, на 43-годишна возраст, така што оваа година се одбележува 100 годишнина од неговата смрт. Бил голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија. Неговото дело го продолжиле неговите следбеници – санданистите.
Најпозната мисла на Јане Сандански е „Да живееш значи да се бориш – робот за слобода, а слободниот за совршенство“.