Одбиена тужбата на Сантос против Барселона

Арбитражниот спортски суд (CAS) со седиште во швајцарска Лозана ја отфрли тужбата на славниот бразилски фудбалски клуб Сантос против каталонскиот великан Барселона во вроска со потпишувањето на договорот со Нејмар во 2013 година, објави шпанскиот клуб.

Сантос во 2015 година поднесе тужба до CAS со побарување од 61,2 милиони евра, откако Барселона исплатила одредена сума на таткото на Нејмар и на семејната компанија „N&N“ пред да го доведе Нејмар.

„CAS утврди дека договорот меѓу Сантос и Нејмар е раскинат со меѓусебна спогодба и дека Барселона не го прекршила договорот за трансферот кога плаќала дополнителни такси на таткото на играчот и на компанијата N&N“, објави Барселона.

Во објавата се додава дека CAS му наложил на Сантос плаќање на правен надомест на Барселона во износ од 20.000 швајцарски франци.

Трансферот на Нејмар од Сантос во Барселона беше проследен со повеќе правни проблеми, што преминувањето на играчот го доведе до Врховниот суд во Шпанија кој покрена истрага за измама и корупција против Нејмар.

Барселона, како што тврдеше, платила за Бразилецот 57 милиони евра, но излезе дека целиот грансфер го чинел каталонскиот клуб вкупно 92 милиони евра, па Врховниот суд пресуди дека Барса ја оштетила државата за 9,1 милиони евра.

Нејмар за Барселона настапуваше четири години во кои освои осум трофеи пред во 2017 година за рекордни 222 милиони евра да се пресели во Пари Сен Жермен.