Одбрана: „Шпионите“ оговарале, но не издавале државни тајни

Обвинетите во аферата „Шпион“ не издавале државни тајни, само народски кажано „оговарале“ за ситуациите кои им се случувале на работа, беше дел од одбраната која денеска ја изнесоа адвокатите на пет обвинети кои го имаа завршниот збор. Исто така, адвокатите се согласни дека според доказите кои биле приложени од страна на Судот, лесно било за утврдување дека обвинетите, кои се товарат за злосторничко здружување, меѓусебно не се познаваат.

Славко Јанев, адвокатот на Алексо Ангеловски, во одбраната на својот клиент, истакна дека тој не се познавал со останатите обвинети се до моментот на нивното заедничко апсење за случајот „Шпион“. Јанев додаде дека Ангеловски е жртва на болниот ум на првообвинетиот Марјан Ефремов, како и дека не знаел дека во негово име се вршат кривични дела.

„Никој ни од обвинителството, ни од сведоците, ниту пак од доказите не покажаа дека Алексо Ангеловски направил кривично дело. Единствените докази кои обвинителството ги има против мојот клиент се пратените е-мејл-ови со документи, пронајдени во компјутерот на Марјан Ефремов, кој се смета и за „мозок“ на целата операција“, рече адвокатот Јанев.

slucaj-spion-261

Адвокатот на Зоран Костадиновски, Стерјо Зиков, исто така потврди дека неговиот клиент не се познавал пред судењето со останатите обвинети, и затоа не може да се товари дека е организатор на злосторничко здружување. Тој додаде дека во доказите постојат две видео снимки во кои тој и Марјан Ефремов, чисто пријателски пијат кафе во некое кафуле.

„За второто дело за кое се товари мојот клиент, а тоа е шпионажа, можам да кажам дека постојат само 20-тина документи кои се пронајдени во компјутерот на Ефремов, но ниеден од нив не докажува дека се работело за шпионажа. Од документите може да се види дека обвинетите само си „оговарале“ за состојбите кои се случуваат кај нив на работа“, вели адвокатот Зиков.

Во документите кои се пронајдени се наоѓаат безбедносни планови за претседателските избори, податоци за вахабистите, криминални групи, податоци за вработените во турската и руската амбасада, податоци за лица обработувани од страна на УБК, податоци за лица од руската, српската и швајцарската разузнавачка служба, податоци за агенти на ЦИА во Скопје, податоци за состојбата на УБК и други документи.

Адвокатот Зиков, во одбрана на својот клинет, истакна дека овие информации не се од таен карактер и дека истите информации можат да се пронајдат на интернет.

SHpion-1

Адвокатот на обвинетиот Иџет Абди, кој исто така се товари за организатор на злосторничкото здружување, истакна дека според изведените докази може да се увиди дека тој со останатите членови на групата не се познавал и дека против неговиот клинет, обвинителството немало ниеден цврст доказ. Единствените документи кои го поврзуваат Абди со групата се анализите за работата на ИВЗ, како и анализите за членовите и организациите на вахабистите во Република Македонија, но и надвор од неа.

Адвокатот на обвинетиот Мирослав Зафировски, истакна дека доказите против неговиот клиент треба да се сфатат чисто како „озборување“, односно како разговор меѓу двајца пријатели за проблемите со кои се соочуваат тие на работа. Тој исто така додаде дека Зафировски го нема на ниедна видео снимка со што би се докажало тој учествувал во оваа група.

Адвокатот, пак, на обвинетиот Благоја Цветановски, истакна дека против неговиот клиент се води завера за да се наруши неговиот углед и чесна работа. Имено, тој истакна дека против Цветановски постојат само ворд документи на кои нема никакво обележје на институција и дека некој кој сака да му наштети напишал приказна која нема никаква врска со вистината и реалноста. Тој се обвинува за организирање на средби со српски разузнавачи, за кои неговиот адвокат, тврди дека никогаш не се случиле. Адвокатот на Цветановски, потврди дека неговиот клиент се познавал со „мозокот“ на операцијата, Марјан Ефремов, а со Иџет Абди и Мирослав Зафировски биле колеги од работа, но немале никаков контакт.

Сите адвокати за своите штитеници, на крај побараа ослободителни пресуди, поради како што велат, немање на цврсти докази дека тие сториле кривични дела, шпионажа и злосторничко здружување.

Судскиот процес за првата шпионска афера во Македонија, „Шпион“ ќе продолжи следниот месец на 18, 20, 22 и 27-ми.