Одбраната обвинува за нови нечесни игри против Груевски од судот

Без исклучок секогаш кога одбраната ќе достави жалба до Врховниот суд на Република Македонија, која процедурално се предава во Основниот суд, судијата кој го водел предметот истиот предмет во Основниот суд веднаш или најдоцна следниот ден откако го добил го препраќа до Апелациониот суд, кој исто така веднаш или најдоцна следниот ден го препраќа до Врховниот суд, кој пак по прибирање мислење за жалбата од обвинителот носи одлука.

Оваа стандардна процедура која не е прекршена повеќе од 50 години, според одбраната, во случајот на Никола Груевски сега веќе е грубо прекршена, од страна на судијката Добрила Кацарска која освен за Груевски во „Тенк“, и „27-ми април“, беше судија кој го водеше предметот за барање поткуп на премиерот Зоран Заев.

Имено, од извори блиски до одбраната на Груевски, дознавме дека истата жалбата ја поднела во среда, 24-ти октомври рано утрото. Од тој ден, адвокатите секој ден проверуваат дали жалбата е проследена кон повисокиот суд.

Одговорот на службите на судот е дека жалбата се уште стои кај судијката Кацарска.

Инаку, тоа е истата судијка која додека течеше судењето во прв степен, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски ги држеше во судница по 12 часа на ден, а судења закажуваше многу често, така што Груевски немаше време ниту за подготовки за следното судење следниот ден. На прашањата зошто толку брзо се води постапката, како во ниеден случај претходно, Кацарска одговараше дека обвинетите заслужуваат судење во разумен рок.

Според одбраната, сега кога треба само да потпише пропратно писмо, за упатување на предметот кон повисок суд, на Кацарска престана да ѝ се брза.

Одбраната вели дека постои загриженост случајно да не се дојде до ситуација пред Груевски да биде внесен во затвор, Врховниот суд да донесе одлука за запирање на извршувањето на санкцијата додека не се донесе конечна одлука од страна на Врховниот суд.

Член 466 став 4 од Законот за кривична постапка вели:

„Првостепениот суд или судот надлежен за одлучување по барањето, со оглед на содржината на барањето може да определи да се одложи, односно да се прекине извршувањето на правосилната пресуда“.

Исто така член 95 од законот за извршување на санкции вели:

„Одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор може да одреди и надлежниот суд за решавање по барање за повторување на кривичната постапка поднесено во корист на осуденото лице, по барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда и по барање за замена на казната затвор со парична казна, под условите предвидени со закон“.

Во случајот поднесено е барање за преиспитување на правосилната пресуда.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов за случајот со пресудата на екс премиерот Груевски во изјава за Курир вели:

Живееме во време кога пред очи ни се случува оркестриран политички прогон преку Катица и разни кацарски, а под диригентска палка на Заев и Шеќеринска. Време кое ќе се памети и изучува како во 21 век се повторувале случаите на Ченто, Шишков, Шатев … Разликата меѓу претходно споменатите и сегашниве е што нема да чекаме десетици години да поминат за да се отворат овие случаи, нормално со изменети улоги на жртвите и џелатите! Тогаш жртвите ќе шетаат и говорат со гордо кренати глави, а џелатите ќе си гледаат во скутовите чекајќи ја казната од народот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.