Одбранбено фијаско

Бидејќи мојата последна колумна која се однесуваше на состојбите во одбраната предизвика солиден интерес кај познавачите на состојбите, а добив голем број пораки и коментари и од луѓе кои се интересираат за Армијата и одбраната воопшто, одлучив денешната колумна да биде своевидно продолжување онаму кај што застанав минатиот пат и да разгледаме уште неколку од промашувањата на министерката Радмила Шеќеринска и нејзиниот тим.

Во текот на месец јуни 2018 година, Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за одбрана го усвои Предлог Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) 2018 на Р. Македонија. Овој документ произлезе како приоритет за негово донесување, по преземањето на функцијата министер за одбрана од страна на Радмила Шекеринска. СОП-от по неговата изворна содржина и намена не е стратегиски документ, како што се прикажува, тој е оперативен документ, кој произлегува по претходно донесување на повисоките-стратегиски документи во системот за безбедност и одбрана, а тоа се Стратегијата за национална безбедност и Стратегијата за одбрана. Значи, не може да се изработува нов СОП кој ќе има своја тежина и ќе биде веродостојна подлога за некави промени ако нема стратегиски документи кои ќе ги изразуваат промените во одбранбениот сегмент, бидејќи тој ќе се базира врз нереална и нестручна проценка на заканите, предизвиците и ризиците и врз несоодветна проценка на современите светски и регионални геополитички динамики.

Одиме понатаму со следното промашување на Шеќеринска и нејзиниот тим, а тоа е преголемото фокусирање на НАТО и колективната безбедност, на сметка на националната безбедност. Документот во сите свои сегменти форсира развој на одбрана компатибилна и интероперативна со НАТО алијансата, што е во ред, но претставува проблем што ваквата насока на развојот на одбраната во потполност запоставува развој на способности и капацитети за сопствена и самостојна одбрана, барем во некоја почетна фаза од одбраната на државата (до моментот на активирање на колективните НАТО капацитети за одбрана – доколку станеме полноправна членка на НАТО). СОП воопшто не го зема во предвид фактот дека НАТО договорот, во своите одредби прецизира строги и конкретни услови во кои се активира колективната одбрана. Државата на која ѝ е потребна колективна одбрана треба да биде јасно нападната со воени средства од друга држава или надворешна сила. Одлуката за активирање на колективната одбрана е политичка, се носи во сложена политичка процедура и истата мора да биде донесена со консензус од сите држави членки на НАТО. Современите закани по безбедноста и одбраната не се само воени и не произлегуваат само од надворешни државни и недржавни актери. Невоените закани (кои произлегуваат од политичкиот, економскиот, социеталниот и еколошкиот сектор) можат да бидат со уште поголема разорна моќ, која може да го уништи безбедносниот, одбранбениот систем, односно може да ја уништи државата. Современите невоени закани се понепредвидливи од воените закани, тие може да се реализираат и како прокси закани и низ методите и тактиките на хибридното војување. Прашање е во услови на загрозеност од вакви закани дали ќе бидеме во можност да ја убедиме Алијансата да ја активира колективната одбрана. Затоа што овие закани е тешко да се претстават како воени и тешко е да се детектира центарот од кој се продуцираат заканите, прашање е дали би се работело за државни или недржавни актери на заканата и големо прашање е дали би успеале да постигнеме консензус од сите држави членки за активирање на колективната одбрана.

Во овој контекст можеме и да споменеме дека приложениот СОП, покажува сериозна нестручност во проценката на безбедносното опкружување, односно во проценката на заканите кон Република Македонија. Поконкретно, заканите по безбедноста и одбраната претставени во СОП, се препишани од проценките на заканите кои егзистираат глобално во целиот свет. Притоа не е направена проценка на заканите кои се специфични и конкретни за Република Македонија и затоа е дизајниран модел на одбрана кој е општ, неконкретен и всушност нереален и неефикасен. Воопшто не е земено во предвид дека безбедноста и одбраната на државата можат да бидат загрозени и од внатрешни фактори или од комбинирано делување на надворешни и внатрешни актери. Во целост е занемарен фактот дека безбедноста и одбраната на државата е пред се национална одговорност, а потоа одговорност на НАТО алијансата.

Како заклучок, може да се констатира дека нашето Министерство за одбрана нема визија за самостојна одбрана и дека доколку во пресудни моменти не успееме да ја активираме колективната НАТО одбрана, државата и граѓаните ги оставаме без одбрана. Претставениот СОП со нагласувањето на НАТО и ЕУ политичката и одбранбена ориентираност на Република Македонија и оставањето на државата без план и капацитети за сопствена одбрана е уште еден доказ дека Министерството за одбрана е во очајно лоша состојба и со катастрофален лидерски тим.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.