Одделението за уво, нос и грло стана нов ковид центар во кумановската болница

36

Одделението за уво, нос и грло е нов Ковид 3 центар во кумановската болница, соопштија денеска надлежните од здравствената установа. Кумановската болница го пренамени одделот и доби дополнителни дваесет кревети кои ќе бидат наменети за ковид пациентите. Паралелно, адаптирано е и одделението за патологија кое ќе стане дневна болница за позитивните на коронавирус.

– Очното одделение е чист дел, може да се додаде уште некој кревет, се надевам дека нема да има потреба. Вчера имаше три хоспитализации, 17 кревети се слободни. Го преадаптиравме одделението, со сопствени сили, сè што имавме како ресурси, човечки потенцијал, од инвентар, изјави директорката на општата болница, Снежана Захариева.

Во кумановската болница ковид пациентите се лекуваат на инфективното одделение, но и на невролошкото одделение кое на почетокот од месецов беше адаптирано како Ковид 2 центар. Вкупно, на располагање кумановската болница сега со адаптација на двете одделенија има 70 слободни кревети, достапни за ковид пациенти.

– Се надеваме дека и монтажната Ковид болница, модуларната болница која е по програмата и планот на Министерството за здравство да биде поставена на место на поранешното физикално одделение, ќе бидат уште подобри услови и ќе има дополнителни 40-тина кревети-изјави Захариева.

Болницата го адаптираше и одделението за патологија, кое сега станува дневна болница.

– Првичната идеја во шаторите да се дели терапија беше итна одлука, бидејќи во еден момент имавме огромен наплив на пациенти и буквално немаше простор каде да се прими терапија за дневна болница. За кратко време успеавме да го расчистиме просторот на одделот за патологија, кој служеше како медицински простор, се е исчистено, дезинфицирано, внесени кревети, инвентар, на наш персонал сместивме таму 14 кревети. Условите се одлични, на пациентите им е топло, цврста градба е дневно циркулираат околу 60 пациенти-изјави Захариева.

Што се однесува до лекарите вели дека во дневната болница се ангажирани инфектолозите и лекари кои секундарно работата на инфектино. Тие ја препишуваат терапијата, пациентите се под нивен надзор, на Ковид 2 работат- општи лекари од ургентниот центар, под супервизија на интернистите кои 12 часа се таму. Во Ковид 3 ќе работат специјализанти од различни бранши под супервизија на лекарите од неврологија.

– Моравме сите да ги вклучиме, како на ниво на државата, така и ние. Секогаш ќе бидат достапни колегите инфектолози за консултација со терапија, за третманот. Тие дневно прегледуваат по 100 пациенти-вели Захариева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.