Одделот за неврологија во гостиварската болница ќе згрижува пациенти со коронaвирусот

49

Зголемениот број заразени со новиот коронавирус во гостиварскиот регион ја принуди управата на болницата „Ферид Мурад“ да ги зголеми капацитетите за сместување на лицата со дијагностициран Covid-19 на одделот за неврологија.

На располагање  ќе бидат ставени и дваесеттина здравствени работници и дваесет болнички кревети.

„Имајќи ја предвид алармантната состојба од зголемувањето на бројот на заболени од вирусот Covid-19 во Гостивар и пошироко, на 27-ми ноември директорот на болницата и координативната група, донесоа одлука како центар на Covid-19 да биде и одделот за неврологија. Од денес во функција ќе бидат над 20 болнички кревети и над 20 здравствени работници, поточно лекари и технички здравствен персонал кои во секој момент ќе бидат на услуга на пациентите“, се наведува во соопштението од болницата.

Освен на инфективното одделение, поранешната хемодијализа, од минатата седмица пациенти со короанвирус се хоспитализираат и во дел од интерното одделение во гостиварската болница.

Во петокот по извршените тестирања, во гостиварскиот регион од почетокот на пандемијата беа регистрирани рекордни 94 случаи на коронаинфекции, а 52 за оздравени.

Покрај апелот за почитување на мерките, од болничката управа посочуваат на важноста да не се прават посети на болните кои лежат на одделенијата.

„Апелираме да се избегнуваат посети на хоспитализираните пациенти. За специјалистички-консултативни прегледи, прво да се посети матичниот лекар и само за итни случаи да се бараат болнички услуги. Почитувајте го медицинскиот персонал кој дава се од себе и се бори во моментот со невидлив непријател. Само на овој начин можеме прво да се заштитиме себеси, нашето семејство, роднините и општеството“, се додава во соопштението.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.