Одење по ивица со коронавирусот: месечарење кон орвеловата држава

Загрижени за своето здравје и за борбата со коронавирусот не забележуваме, или свесно одбегнуваме да ја видиме сериозноста на зголемениот државен надзор над приватноста на граѓаните, слободата на изразувањето и слободата на здружување. Па, ако сакате и на слободата на движењето.

Избувнувањето на коронавирусот им овозможи на властите во светот да ги легитимираат алатките за надзор, како алатки за јавно здравје. Вирусот најверојатно ќе биде катализатор за натамошно проширување на државниот режим за надзор на своите граѓани.

Дали свесно прифативме да се пазариме со човековите права, посебно со приватноста, за сметка на заштита од коронавирусот? Да. Свесно прифаќаме сè поголема и понападно користење на дигиталните технологии за надзор, кои без соодветни заштитни механизми, од алатки за спасување животи лесно може да предизвикаат трајна штета на слободите и правата на луѓето. Ограничувајќи ја нашата способност да го вратиме државниот надзор во контролирани рамки, кога сето ова ќе заврши.

Но, кој да се грижи за слободите и правата кога животот е загрозен. Посебно кај нас, каде поборниците за заштита на човековите права одеднаш станаа премногу молчаливи и невидливи последниве години. Едноставно исчезнаа од јавниот дискурс. И треба да бидам изненаден? Многу очекувано, кога заштитата на човековите права ќе ја обоите и ќе ја направите лукративна и лицемерна цел на  вашето дејствување.

Владите имаат вонредни овластувања за време на вонредни состојби, но вообичаено се проверува нивната нужност, валидност и пропорционалност во светлото на заканата по безбедноста, или јавното здравје. И досега високо развиените општества генерираа ризик да се трансформираат во „надгледувачки“, како една од компонентите на нивниот информациски развој. Но, сега веќе надзорот е насекаде. И веќе не е скриен. Сега е видлив и  очигледен. Оваа епидемија им даде carte blanche на владите во светот да ја набљудуваат и контролираат јавноста.

Од препознавање на лицето до следење на телефоните, преку полициски надзор на самоизолацијата и карантинот, владите се свртуваат кон технологијата за да ја следат инфекцијата и да го чуваат здравјето на населението. Голем број на апликации ги користат личните здравствени информации на граѓаните за да ги предупредат другите за нивната близина со заразените пациенти, или дали биле во близок контакт.

Околу 24 земји користат телекомуникации за следење на локацијата на изолираните лица, а 14 користаат апликации за трасирање на контактите на заразените лица, или контрола над спроведувањето на карантинот. Кина воведе систем на семафори кој користи софтвер за паметни телефони за да ги оцени поединците со црвена, жолта или зелена боја и да утврди дали можат да се движат, или не, поради коронавирусот.

Експертите велат дека вирусот им даде на властите изговор да го забрзаат масовното собирање лични податоци за да ги следат граѓаните. Не постои влада што не ги сака вашите податоци. Сега повеќе од кога било.

Складирање на податоци во врска со локацијата и движењата во јавната сфера, според Европскиот суд за човекови права, претставува мешање во приватниот живот. Владите треба да обезбедат дека сите собрани лични податоци се безбедно складирани и дека нема да се користат за комерцијални или други цели, по завршување на пандемијата. Треба сериозно да си наивен да веруваш во ова. Посебно во време на криза од ваков обем.

Се што се случува досега упатува на тоа дека владите ќе ја искористат пандемијата на коронавирусот за да ги продолжат и прошират своите активности за надзор. Скај њуз откри дека на 19 март американската влада веќе примала анонимни податоци за локацијата на паметните телефони од О2. Овие податоци се користат за да се оцени дали луѓето ги следат упатствата за социјално растојание и самоизолација.

Секој кој малку има познавање од заштитата на човековите права знае дека обидот да се комбинираат, споредат или да се совпаднат податоците од повеќе извори се смета за активност со висок ризик во однос на индивидуалната приватност. Ама кој да се грижи сега за приватноста. Се плашам дека периодов ќе го изодиме како во сон, па после ќе бидеме затечени до каде општествата отишле во надзорот на своите граѓани. И тоа ќе го доживееме како нешто нормално. А нема да биде.

Притоа, да не заборавиме дека овој начин на управување и размислување за справување со епидемијата многу лесно може да се искористи и за „решавање“ на други проблеми, како што се медиумите, критичката мисла, или етничките конфликти. Многу примери  веќе опоменуваат дека тоа  се  случува во моментов.

Велат дека човековите права обезбедуваат јасна и практична рамка за да им помогнат на лидерите да утврдат кои се разумни ограничувања, а кои не, во можноста да се движат во деликатната рамнотежа помеѓу заштитата на нашето здравје и заштита на нашите витални слободи и индивидуални потреби. Кога го пишувам ова мислам на демократските општества. Сигурно не и за нашето.

Зашто нашето се потврди како високо ризично од аспект на надзор и контрола на  своите граѓани. Идеалот на оваа влада беше, и успеа во тоа, од високо надгледувачко општество да го трансформира и во „воајерско“ општество, каде на малкумина им е грижа за приватноста. Се додека има материјал за малограѓанско алапачење. Па макар тоа било подигнато на  институционално ниво, како што беше Специјалното јавно обинителство.

А, стварно, зошто да се грижиме? Кога и така никогаш не го напуштивме комунистичкиот концепт на приватноста. Оној колективниот, во кој имаше малку простор за приватната сфера на човекот, кој мутираните комунисти ни го понудија како прозападен со т.н. „бомби“. Кога „ново“ комунистите се срамат од својата идеологија, другите стануваат русофили.

Искрено сум загрижен дека оваа здравствена криза со коронавирусот многу брзо ќе се трансформира во глобална криза на човековите права. Многу брзо, од средство за справување со кризата на коронавирусот, државниот надзор на  граѓаните ќе се претвори во закана по нашата слобода, поткопувајќи го на тој начин и системот на јавно здравство.

Следењето и државната контрола над своите граѓани е посакувана од државите. Сон на секоја власт. Нека ги прашаат „хероите“ на нашето прислушување. Тие најдобро  знаат.

Затоа. серизно сум загрижен дека се повеќе ризикуваме да ги подотвориме широко вратите на авторитаризмот доколку мерките за надзор над граѓаните продолжат да се прошируваат во борбата со коронавирусот, а притоа не подлежат на независен надзор со јасни временски рокови. Само ќе ги зголемат штетите и ќе ја загадат нашата приватност од државно спонзорираниот надзор. Барем ние имаме завидно искуство во тоа.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.