Одгледувањето марихуана легализирано во Уругвај

Во Уругвај од вчера е легално одгледувањето на марихуаната, кое ќе биде контролирано од државата, соопшти уругвајската Агенција за борба со наркотици.

Новиот закон им дозволува на физичките лица законски да одгледуваат до шест растенија канабис. Клубовите за марихуана, кои имаат меѓу 15 и 45 членови, ќе имаат право да одгледуваат вкупно до 99 растенија.

Со легализирањето на одгледувањето, законот кој беше усвоен во 2013 година, сега минува во следната фаза, легализирање на продажбата на до 40 грама канабис од аптеки на регистрирани консументи.

Се очекува продажбите да бидат легализирани до крајот на ноември или почетокот на декември.

Левичарската Влада на претседателот Хозе Мухика најави дека се надева оти со новите мерки ќе може поефикасно да се бори против незаконските наркокартели.

Агенцијата за борба против дрогата соопшти дека марихуаната ќе се продава по цена од околу 20 пезоси (88 американски центи) за грам.