Одлична претстава на Олимпико со шест голови

Во последниот натпревар од второто од италијанското фудбалско првенство Рома и Аталaнта на Олимпискиот стадион во Рим одиграа одличен натпревар со пресврти кој заврши без победник 3:3 (1:3).

Иако „Волчицата“ поведе преку Пасторе веќе во втората минута кој поентираше со петица, првото полувреме го добија гостите од Бергамо, кои играјќи висок пресинг ја принудија одбраната на домашните на грешки создавајќи низа шанси од кои реализираа три. Прво Кастање во 19 минута израмни, а потоа Ригони со два гола, во 22 и 38 минута, ја доведе Аталанта во предност од 3:1. Притоа се чини дека гостите пропуштија можност да го решат мечот уште во првиот дел, кога Рома не успеваше ниту да се приближи до нивниот гол.

Сепак, во второто полувреме со двете измени во нападот Рома ја презема иницијатвата и оваа надмоќ ја ефектуираше со два гола кои ги постигнаа Флоренци во 60 и Манолас во 82 минута, кој во првиот дел беше еден од главните виновници за доминацијата и водството на Аталанта. Во последните десетина минути и двете екипи создадоа по неколку опасни шанси пред протибвничкиот гол, но резултатот остана непроменет.

Аталанта и Рома по овој дуел имаат по четири бодови, заедно со Сасуоло и Удинезе, додека на табелата водат Јувентус, Наполи и СПАЛ со максималните шест бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.