Одликуван американски специјалец обвинет за убиство на тинејџер борец на ИД

Пензиониран американски специјалец е обвинет дека убил неколку ирачки цивили, до смрт претепал заробен тинејџер и сторил уште десетици кривични дела, пишува во петокот BBC.

Командантот во елитната единица Морнарички фоки, Едвар Галагер, ќе се изјасни дека не е виновен на сослушувањето во воената база во Сан Диего, рекол неговиот адвокат.

Обвинителот, пак, вели дека овој одликуван снајперист и болничар убил невини луѓе во Ирак, каде што бил прекумандуван осум пати. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна доживотен затвор.

Воените иследници тврдат дека Галагер сторил неколку кривични дела во Мосул од февруари до септември 2017 година, вклучително и намерно убиство на ранет борец на џихадистичката организација Исламска држава кој бил на 15-годишна возраст. Според обвинението, Галагер со нож го избодел тинејџерот ранет во воздушен напад во мај 2017 година.

Обвинителите велат дека заробеникот го лекувале болничарите со кои командувал Галагер кој без никаква причина го нападнал со нож од домашна изработка. Припадниците на единицата потоа го фотографирале покрај телото како ја рецитира заклетвата на Морнаричките фоки.

Адвокатот на Галагер тврди дека припадникот на Исламската држава умрел од повредите здобиени во воздушен напад и дека неговиот клиент лажно го обвиниле припадниците на единицата, сакајќи да се отарасат од командантот кој барал многу од нив, наведува BBC.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.