Отказите на трите медицински сестри (од кои една е главна) на Инфективната клиника, уште еднаш потсети на алармантната состојба во државното здравство во Македонија.
Бранот на иселувања на стручен медицински персонал, но и трансферите од државни во приватни клиники во земјава каде што платите се значително поголеми, во последните години станаа загрижувачко чести, што несомнено говори за лошата слика во нашето здравство.
Здравство за кое граѓаните плаќаат цел работен век, за да поради недостиг на кадар и хаотично функкционирање, на крајот се приморани да се одлучат да користат приватни здравствени услуги, кои, пак, чинат многу.
Црвениот аларм го вклучува податокот според кој на Медицинскиот факултет во Скопје секоја година дипломираат околу 200 лекари, а во комората даваат барање за иселување во странство околу 170 лекари.
Како една од основните причини за заминување, медицинските работници ги посочуваат ниските плати и условите за работа, а доколку не се намали овој тренд, тоа може сериозно да го загрози здравствениот систем.
За млади доктори причина за иселувањето е и слабо организираниот систем за едуцирање на високо обучуван медицински и академски кадар, како и изграден монопол во однос на добивање одредена специјализација. Овие два фактори играат одлучувачка улога во одлуката за лекарите да го продолжат својот едукативен и професионален тек на друго место.
Несомнено, најголемата причина се парите, односно мотивацијата на медицинските лица во Македонија.
Доколку не се преземат итни мерки, за кои премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, во повеќе наврати а особено пред избори ветуваа, ќе останеме без голем дел од стручни и едуцирани кадри во државното здравство. Со, тоа хаосот и метежите ќе се зголемат, но и можноста за лекарски грешки поради преоптовареност и секако ризикот од смртност на пациентите ќе биде загрижувачки.
Освен иселувањето на кадарот и нивна „преселба“ во приватни клиники, проблем е и пензионирањето стручниот персонал, бројка која во вакви услови е тешко да се надомести.
Ветувањата за 100.000 денари плата за специјалистите, останаа само како предизборни флоскули на СДСМ од 2016 година. Платите се зголемија, но далеку од она што се ветуваше.
Доктор специјалист на Клинички центар, како и доктор специјалист во терциерно здравство ја нема остварено таа плата од 100 000 денари, а моменталната нето плата е 55 370.
Критиките на медицинските работници до власта се заострија и кога министерот Филипче се обиде да ја прикрие вистинската слика во полза на партиските ветувања, па на својот Фејсбук профил објави информација дека докторите специјалисти земаат 111.377 денари плата, наставниот кадар –122.810 денари, докторите на медицина – 58.991 денари, медицинските сестри со висока стручна спрема – 50.376 денари, а медицинските сестри со средна стручна спрема 38.182 денари. Но сепак сумата е далеку помала, бидејќи наведените бројќи се вкупна бруто плата на вработените.
За подобрување на условите, како за пациентите, така и за медицинскиот кадар, актуелната власт уште во минатиот мандат вети нов Клинички центар, кој најави дека ќе се гради на локација во Општина Ѓорче Петров, но и ова ветување за сега изгледа како далечна перспектива.