Одложени се состаноците на Могерини во Сараево

Авионот на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија Федерика Могерини, утрово не успеа да слета на Меѓународниот аеродром во Сараево, па поради тоа е одложен состанокот со членовите на претставништвото на Босна и Херцеговина.

Нема информации кога ќе биде одржан состанокот со членовите на претставништвото на БиХ.

– Од изутринава поради густата магла ниту еден авион не слета на аеродромот, соопштија од Информативната служба на Меѓународниот аеродром во Сараево.

Имено, Могерини, која синоќа престојуваше во Подгорица, денеска во Сараево треба да се состане со Младен Иваниќ, Драган Човиќ и Бакир Изетбеговиќ.

Исто така, таа ќе разговара и со претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ и министерот за надворешни работи Игор Црнадак.

Звиздиќ пред состанокот со Могерини истакна дека таа носи многу важна порака за БиХ, а тоа е дека вратата на Евопската унија е отворена за земјата, но и дека  брзината на нејзиното пристапување ќе зависи од  динамиката на исполнувањето на условите што и се поставени на државата.

Могерини вчера ја започна нејзината балканска турнеја во Црна Гора, каде се состана со претставниците на Владата, политичките партии и Парламентот.

– ЕУ нема да биде целосна се додека овој регион во срцето на Европа не биде обединет, како дел од нашата заедница, порача вчера Могерини за време на посетата на Подгорица.

Високата претставничка на ЕУ од 1 до 4 март ќе престојува во земјите од регионот, а освен Црна Гора и БиХ ќе ги посети и Македонија, Србија, Албанија и Косово.