Одложено судењето за „Шамарите во Центар“

Денешното рочиште за случајот „Насилство во Центар“ се одложи бидејќи претседателот на судот, Иван Џолев не бил во можност да одлучува по барањето за изземање на судијата Душан Јосифов што го побара одбраната.

Адвокатот од одбраната во предметот „Насилството во Центар“, Боро Тасевски пред почетокот на денешното рочиште побара изземање на судијата од овој предмет Душан Јосифов, како и на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик Бајазит Бајазити, но и на в.д. претседателот и заменикот на Апелациониот суд.

Наредното рочиште е закажано за 1 јуни, кога исказ треба да дадат неколку сведоци.

Причината за ваквото барање, како и во неколку други предмети на СЈО, е што Катица Јанева во емисија на 24 ТВ изјавила дека постојат судии кои се нелегално прислушувани. Бидејќи не се знае кои се тие судии адвокатите бараат изземање.
Во случајот „Насилството во Центар“ поврзан со насилните протести пред општината летото 2013 година, првообвинет е Никола Груевски. На обвинителка клупа меѓу десетината обвинети се и Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.