Одложена собраниската расправа за коридорите

Во законодавниот дом требаше да продолжи расправата за измените на законот за работни односи во деловите за прекувремена работа, местото и начинот на исплата на работниците на проекти од национален и стратешки интерес на државата што се предлагаат по скратена постапка.

На собранискиот сајт иако беше најавена од службите подоцна известија дека седницата се одложува без да прецизираат кога ќе продолжи.

Со законските измени се предлага прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, односно повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Законот, исто така, предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес. Дополнително се воведува можноста за работа во недела како и прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела.

Демократискиот сојуз претходно побара пратеници да го отфрлат продолжението на расправата за коридорите и инсистира договорот да се објави и да биде предмет на стручна анализа и јавна расправа.

Политичката партија Левица претходно поднесе 1.111 амандмани за предложените измени на Законот за работните односи.

Од партијата велат дека со овие измени се прави обид неуставно, работната недела од 40 часа се зголемува на 60 часа и работниците да работат и во недела.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на социјалните мрежи денес напиша дека власта се плаши од тоа пратеник на Левица да дојде до говорницата, оти не знае каде тоа ќе ги однесе.

„Денешната Комисија за труд – на која планираа да воведат 12 часовно работно време – е одложена! Остануваат 1.111 амандмани на двајцата левичарски маченици“, напиша Апасиев.