Одложено предавање на Љубчо Георгиевски во Софија откако упадна Ангел Џамбаски

Поради упад на европратеникот и потпретседател на ВМРО-БНД Ангел Џамбаски и неговите поддржувачи во салата на Централниот воен клуб, одложено е планирано предавање на поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.

Георгиевски требаше да зборува за бугарско-македонските односи, на покана од Клубот за бугарско-македонско пријателство, кој беше формиран неодамна.

Георгиевски изјави дека не му е јасно зошто се прави тоа и на кого му пречи тоа што дошол да го каже.

„Пријателството се гради низ дијалог,“ категоричен беше тој во кратката изјава за дописникот на МИА од Софија и група бугарски медиуми, кои го следеа тоа што се случуваше пред Централниот воен клуб во Софија.