Одложено претставувањето на новиот модел авион на ‘Boeing’

Американскиот воздухопловен гигант „Boeing“ потврди дека ќе го одложи лансирањето на новиот модел патнички авион за долги летови „777-8“, што би можело и натаму да ја ослаби неговата позиција во трката со европски „Airbus“.

„Го разгледавме распоредот на нашата развојна програма и потребите на нашите сегашни клиенти од ‘777Х’ и решивме да го прилагодиме. Прилагодувањето ги намалува ризиците во нашата развојна програма и осигурува порамномерен премин на ‘777-8’“, изјави во четвртокот портпаролот на „Boeing“.

Поединостите од новиот распоред за претставување и воведување на моделот „777-8“ не се наведени. Пред три седмици од „Boeing“ соопштија дека и натаму планираат да го испорачаат својот прв „777Х“ кон крајот на следната 2020 година, предупредувајќи сепак на „значителниот ризик за овој распоред, имајќи ги предвид предизвиците поврзани со моторот“.

Одложувањето на воведувањето на серијата авиони „777-8“ би можело да ги ослаби позициите на „Boeing’ во трката со конкурентот „Airbus“ за снабдување на австралискиот воздухопловен превозник „Qantas Airways“, кој до 2023 година сака да воспостави директна линија меѓу Сиднеј и Лондон, долга 17.000 километри. Летот на оваа рута би требало да трае 21 час без попатни слетувања, и би бил најдолгиот на светот, а би можело да го изведуваат модифицираните верзии на „Boeing 777-8“ и широкотрупниот „Airbus A350“.

Во „Boeing“ и натаму имаат намера следната година да ги испорачат првите авиони од типот „777-9“, кои се со покус долет, рече портпаролот на компанијата и додаде дека ја продолжуваат со производителот на мотори „General Electric“. Германската воздухопловна компанија „ Lufthansa“ нарачала 20 авиони од типот „777-9“.

Авионите од модел „737 Max“ беа повлечени од сообраќајот во март годинава по несреќата на авионот на компанијата „Ethiopian Airlines“ во Етиопија, која се случи помалку од пет месеци по падот на авион од истиот модел на авион во Индонезија. Во двете трагедии загинаа вкупно 346 луѓе.