Одложено првото рочиште на Рашковски за случајот „Софтвери“, најави дека ќе има интересно судење

Почетокот на судењето за случајот „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и шест други лица беше одложено денеска поради отсуство на обвинетата Маја Силјановска.

Во случајот, покрај Рашковски и Силјановска, се обвинети и Ивица Димитровски, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Христов и Игор Ивановски.

Судскиот процес го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.

Неговата одбрана се жали на доказите, за кои Рашковски вели дека се прибрани на незаконски начин. Тој тврди дека не стекнал средства на незаконски начин и дека се што поседува сега, поседувал и пред да биде генерален секретар.

– Не може обвинителството да има доказ од наводно мои пораки кои се напишани на ворд документ. Замислете испаѓа дека во една секунда се пратени 43 пораки. Не може да дава докази кои произлегуваат од незаконско начин прибирање докази. Не може да инпутира така. Ќе дојдете на судење, ќе има инетресно судење, во делот на комјутерска форензика, ќе видите како се прибрае докази. Некој без знаење чепкаал по приватни пораки. Не би сакал да навлегувам сето тоа е предмет на постапка но се нудат податоци кои се апсурдни. Пораките инаку се искуцани на компјутерот на обвинителката – рече Рашковски.

Тој рече дека има плус 20 докази и дека има и нови сведоци меѓу кои и поранешниот министер Наќе Чулев, кои, како што рече ќе ја докажат целата постапка

Инаку првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

– Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор. Првообвинетиот, јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка, комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, ​со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137,00 денари – се вели во обвинителниот акт на ОЈО – ГОКК.

Воедно, првообвинетиот, како службено лице, го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.

Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите, според ОЈО, согласно договорот што го имале со првообвинетиот за поделба на паричните средства подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 1.320.000,00 денари.

– Во временскиот период од 05.06.2017 година до 05.05.2021 година, во Скопје, првообвинетиот, пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319,00 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити – информираат од ОЈО.