Одложено судењето за модуларната болница во Тетово, ќе продолжи на 31 јануари

Продолжението на судењето за пожарот во тетовската модуларната болница кога животот го загубија 14 лица, денеска во Основниот суд Тетово беше одложено поради отсуство на еден од обвинетите, економскиот директор на Клиничка болница, Артан Етеми.

Неговиот адвокат образложи дека обвинетиот денеска не дошол поради смртен случај.

Судијата Јордан Велковски информира дека судењето ќе продолжи на 31 јануари, термин што беше определен уште во декември 2022 година.  Воедно, се определија и 16 февруари и 2 март како следни термини за продолжување на судењето.

Денеска беше предвидено искази да дадат сведоци предложени од Обвинителството, кои беа поучени дека треба да дојдат повторно на следниот термин на 16 февруари.

Пред да почне судењето од 9 часот жители на Тетово, втор пат се собраа пред зградата на Основен суд во знак на поддршка на д-р Бобан Вучевски, еден од тројцата обвинети. Тие посочија дека се дојдени да му дадат поддршка на докторот уверени дека тој нема никаква вина.