Одложено враќањето на вработените во канцелариите на Microsoft и LinkedIn

„Microsoft“ и „LinkedIn“ поради падемијата на коронавирусот на неодредено време го одложија враќањето на вработените во канцелариите и на полно работно време, што беше планирано за 4-ти октомври, објави американската софтверска корпорација на своите веб-страници.

„Планиравме 4-ти октомври да биде првата можна дата за целосно отворање на седиштето на Microsoft во Редмонд и на многу други работни места во САД, но како што им кажавме на нашите вработени, ги променивме тие планови поради неизвесноста околу Covid-19. Решивме дека нема да се обидуваме да предвидиме нова дата за целосно повторно отворање на нашите работни места во САД“, објавија од Microsoft.

Се очекува дека вработените ќе се вратат на работа во канцелариите кога тоа ќе биде можно да се направи „безбедно, следејќи ги насоките на јавното здравство“, се додава во објавата.

Покрај тоа, од Microsoft најавија и 30-дневен преоден период, кој на вработените ќе им даде време да се навикнат на работата во канцеларии, како и дека ќе го задржат флексибилниот приод кон работата.