Одлуката на Србија да ги отвори границите можеби е избрзана, смета Филипче

Одлуката на Србија на 1 јуни да ја отвори границата со Македонија и со останатите соседи може да се покаже како избрзана, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите.

– Отворањето на границите во Србија може да се покаже како избрзана одлука и со тоа да се загрозат националните стратегии на земјите. Ние го очекуваме документот на Грција за начинот на поминување на границите, а истиот тој документ ќе им го понудиме и на другите земји – рече Филипче.

Инаку, српската премиерка Ана Брнабиќ претходно соопшти дека од 1 јуни ќе започне либерализиран режим на поминувањето на границите со четири земји од регионот, односно со Босна и Херцеговина, со Црна Гора, со Албанија и со Македонија.

Таа истакна дека граѓаните на овие земји нема да имаат обврска да имаат негативен тест за коронавирусот при преминувањето на границата со Србија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.