Одлуките на Пендаровски за вонредна состојба „ќе извисат“ во Собрание

Одлуките на претседателот на државата, Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба се чини нема да бидат потврдени и од Собранието.

Петте одлуки на шефот на државата се на дневен ред на денешната седница на парламентот. За нив е потребна поддршка од две третини од пратениците односно 80 гласови „за“,но опозициската ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе гласа „против“. Пратеникот Антонио Милошоски по координација на пратеничката група изјави дека тие ќе гласаат против бидејќи секоја од одлуките, како што рече, беше злоупотребена од Владата за носење на уредби со законска сила кои немаа врска со надминување на последиците од пандемијата од коронавирусот.

„Втората основа за овие одлуки беше справување со економските последици од пандемијата и денес неколку месеци после овие одлуки за вонредна состојба имаме драстично влошување на економските состојби во државата со многу зголемена невработеност. Третата причина е што овие два основи на одлуките за вонредна состојба, справување со пандемијата и помош на економијата, за жал владата ги злоупотреби и наместо да носи мерки посветени на овие теми, носеше уредби со законска сила кои што беа злоупотребени за изборен поткуп или за менување на Изборен законик во 5 до 12, или за лиценци за марихуана, за брусење дијаманти и слично. Потврда дека ваквите одлуки за вонредна состојба беа злоупотребени од владата е и фактот што Уставниот суд поништи десетина уредби донесени од владата во тој момент“, вели Милошоски.

Тој посочи дека доказ дека Владата ја злоупотребила вонредната состојба е поништувањето на повеќе нејзини одлуки од страна на Уставниот суд.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по брифинг со новинарите претпладнево изјави дека седницата ќе почне, но како ќе се изјаснат пратениците останува на нив. За последиците од евентуалното непотврдување од одлуките вели ќе треба да е произнесат други институции.