Одмрзнувањето на пермафростот на Арктик може да „ослободи“ вируси и бактерии

Научниците предупредуваат на вознемирувачки појави на Арктикот. Во последните две седмици температураите во Сибир поради незапаметениот топлотен бран достигнале рекордни 38 Целзиусови степени, и истовремено таму избувнаа големи пожари, испуштајќи големи количества јаглерод диоксид во атмосферата, што може да укажува на „маѓепсаниот круг“ на своевиден „климатски крах“.

И додека научниците кои се занимаваат со климатските промени размислуваат за тоа дали ваквите крајности претставуваат почеток на застрашувачката нова епоха на значително зголемување на температурите на Арктикот, планетата сѐ уште е зафатена од пандемијата на коронавирусот која не забавува, пишува британски The Independent.

Научниците стравуваат дека светот во овој момент може да се соочи со нова опасност, истовремено со прегрејување на планетата и со високозаразни болести. Велат дека забрзаното загревање на крајниот север на Земјата може да „ослободи“ бројни вируси стари десетици па можеби и стотици илјади години, коишто закопани длабоко во сибирскиот вечен мраз веќе долго мируваат во смрзната состојба.

Поради забрзаното загеревање, а Арктикот се загрева барем двојно побрзо од остатокот на планетата, пермафростот таму се отвара првпат од последното ледено доба, при што постои опасност од ослободување патогени со коишто современиот човек досега никогаш не се сретнал.

„Претпоставката дека бактериите може долго да преживеат дефинитивно е прифатена во научните кругови. Преостанува само прашањето: колку долго? Милион години? 500.000 години?“, вели за списанието Unearthed на еколошката организација Гринпис, вирологот Жан Мишел Клаверие од Универзитетот Екс-Марсеј.

Додава дека „постојат извонредно квалитетни истражувања којишто упатуваат на тоа дека бактериите од длабокиот пермафрост може да оживеат“.

И др Шантал Абергел, виролог од истиот универзитет, вели дека е можно „да се оживеат вирусите од стари примероци на пермафоростот“ односно многугодишните мразови. „Досега тоа ни успеа со оние стари 30.000 години“, додава таа. Вели и дека досега истражувачите успеале успешно да реактивираат древни ДНК вируси, но не и многу покревките РНК вируси.

РНК вирусите се однесуваат на болести како шпанскиот грип и новиот коронавирус кој ја предизвика сегашната пандемија, а ДНК вирусите ја вклучуваат денеска практично искоренетата болест на големите сипаници. Кога ќе се најде во клетките на домаќинот, вирусот ја испушта својата ДНК или РНК, која содржи информација потребна да се создадат нови вирусни честички и ја презема контролата над некои аспекти од клеточниот метаболизам.

Друга закана за човештвото преставуваат бактериите. На пример, во 2016 година епидемијата на антракс во Западен Сибир покоси крда собови. Кога во јуни нивните трупови се одмрзнале, со болеста се заразија 23 лица, а од нејзините последици почина едно лице.

Др Клаверие предупредува дека опасност не претставува само одмрзнувањето на перфмафростот, туку и интензивираната човекова и животинска активност во областите кои веќе долго се ретко населени.

„Ова е рецептот за катастрофа, бидејќи тука имате луѓе и ‘свеж’ вирус. А кога вирусите од пермафростот ќе се ослободат во природата, што се случува? Паѓаат во реките. Изложени се на кислород, што е лошо. Изложени се на светлина, а и тоа е лошо. Секако, доколку набрзо не најдат домаќин нема долго да живеат“, вели научникот.

„Меѓутоа, доколку вирусот дојде во контакт со соодветен домаќин, повторно ќе се активира. Значи, ако човекот се најде меѓу смрзнати вируси кои може да бидат пандемиски, тој би можел да се зарази, да го реплицира вирусот и да покрене нова пандемија“, заклучува др Клеверие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.