Одобрена и вакцината на „Џонсон и Џонсон“ против ковид-19

Советниците за вакцини од Американската агенција за храна и лекови (ФДА) вчера ја одобрија употребата на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ против коронавирусот, јави Си-Ен-Ен.

ФДА и Комитетот за биолошки производи јавно гласаа за одобрување на вакцината за итни случаи за лица постари од 18 години.

Доколку одборот на ФДА ја следи препораката, и има големи шанси тоа да се случи денеска, вакцината на „Џонсон и Џонсон“ ќе биде третата одобрена во САД, а таа се разликува од тие на „Модерна“ и на „Фајзер“ по тоа што содржи само една доза и може се чува во обични фрижидери, односно не бара екстремно ниски температури.

Вакцината, направена од подружницата Јансен, е клинички тестирана на повеќе од 44.000 луѓе во САД, Јужна Америка и Латинска Америка.

На глобално ниво, покажа ефикасност од 66 проценти во спречување на умерени и тешки форми на Ковид.

Кога станува збор за тестовите направени во САД, ефикасноста е 72 проценти, а 85 проценти е ефикасни против развој на тежок облик на болеста.

Никој кој примил вакцина за време на тестот не починал, додава Си-Ен-Ен, и се очекува американските граѓани да почнат да добиваат дози на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ веќе од следниот понеделник.