Одржани петтите Средношколски игри

Под слоганот „Заедно во природа“ на Средно Водно се одржа петтото издание на манифестацијата „Средношколски игри“- 2018, наменета за учениците од средните училишта на Град Скопје, а во организација на ЗГ „СФЕРА“ Скопје.

Манифестацијата вклучи различни натпревари во природа (во крос, во знаење, во уметнички вештини- цртање и фотографирање, креативно пишување, зелени игри, забава…) а со цел подигање на свеста на средношколците за потребата и неопходноста од нивен редовен престој на отворен простор заради подобрување и унапредување на нивното психофизичко здравје. Натпреварувачкиот карактер придонесува кај младите да се развијат потенцијалите за истражување и учење, тренирање, вежбање, уметнички и естетски развој, а животната средина во која се одвиваат игрите кај младите поттикнува свесност за здрав живот и почесто движење во природни средини.

На еднодневните игри, учествуваа околу 300 активни учесници од 15 средни училишта од Скопје, и тоа ученици – натпреварувачи, наставници, комисии, претставници на државни институции и компании, но и останати ученици, родители, посетители на Средно Водно. Од настанот учениците испратија пораки за меѓусебна толеранција, здрав живот и чување на природата.

Манифестацијата ја поддржа Град Скопје, а ја спонзорираа компаниите Магрони со брендот Ladna Juicy и Добра Вода, Виталија, како и ЈП Паркови и зеленило и Здравствен дом- Скопје.