Денеска во просториите на Град Скопје се одржа првата техничка работилница во рамките на Студијата за финансирање, изградба и работа на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Во работилницата учествуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, претставници од Амбасадата на Франција во нашата земја, претставници од Министерството за финансии, од Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од јавните градски претпријатија, од Светската банка и ЕБРД, како и претставници на компанијата ЕГИС Еау од Франција.
На работилницата беа презентирани првичните резултати од анализата на техничките решенија и алтернативи за централна пречистителна станица во Скопје.
– Ми претставува особено задоволство што денеска имаме можност да се запознаеме со првичните резултати од извршените анализи и согледувања на француските експерти од компанијата ЕГИС кои во соработка со локалните консултанти од фирмата БАРЕЦЕ изминатиов период работеа на проектот за изработка на „Студијата за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води за главниот град Скопје – Република Македонија“. Овој проект се реализира преку финансиската поддршка на Фондот за студии и помош на приватниот сектор – ФАСЕП и Француската Влада. Ја користам оваа пригода уште еднаш да и се заблагодарам на Владата на Република Франција и на амбасадорката Лоренс Оер за нејзиното ангажирање за добивање на оваа донација. Сакам да истакнам дека изградбата на пречистителна станица за отпадни води претставува врвен приоритет на Градот Скопје што е евидентно од повеќегодишното ангажирање на Градот, кој во соработката со Владата на Република Македонија и надлежните министерства посветено работи во насока на обезбедување средства и потребни ресурси за реализација на овој исклучително значаен проект. Доказ за тоа се веќе остварените проекти, но и оние што се во тек. Во моментов, паралелно со изработката на „Студијата за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води за главниот град Скопје – Република Македонија“ се работи и на реализацијата на проектот за изработка на техничка документација за реконструкција и проширување на градскиот канализациски систем со обезбедени средства преку ИПА фондовите. Со тоа ќе биде заокружен целиот процес на обезбедување услови за изградба на пречистителната станица. Очекувам од експертите да понудат современи технички решенија за идната пречистителна станица од кои Градот Скопје ќе може да го избере најповолното и најсоодветното. Градот Скопје цврсто стои на определбата за најбрзо можно реализирање на проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води и очекуваме дека во периодот до 2020 година во соработка со Владата на Република Македонија ќе успееме во изнаоѓањето начини за обезбедување финансиски средства за изградба на пречистителна станица – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Заменик-министерот Темелковски нагласи дека овој проект ќе го одреди најдобриот пристап за изградба на пречистителна станица која ќе опслужува над 600.000 жители, а која е од огромно значење за Скопје, за Република Македонија и за поширокиот регион.