ОМД: Одземањето на правото на глас на Дијаспората е неприфатливо

Одземањето на правото на глас на Дијаспората е една од темите за која се расправа на состаноците на работните групи за спроведување на Договорот од Пржино, со кој што практично Македонија излезе од повеќемесечната политичка криза. По повод ова прашање се огласи и Обединетата македонска дијаспора која ги осуди сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.

Одземањето на правото на глас – несфатлив потег

Според ОМД предлогот за одземање на правото на глас на Дијаспората е несфатлив потег и дополнително оттуѓување на иселениците.

За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението.

Дијаспората е клучен партнер на Република Македонија

ОМД во писменото соопштение нагласува дека дијаспората е клучен партнер на Република Македонија. Укажува дека Дијаспората е интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата.

Дијаспората директно придонесува 18-20 проценти од домашниот бруто производ на Република Македонија, а придонесува и за зголемување на локалната економија во земјата. Историски, Македонците надвор од матичната држава се бореле за незавизна, слободна, и суверена Македонија и откако оваа цел во 1991 год. се постигна, дијаспората продолжи да биде важен фактор за стабилноста и компетитивноста на државата. Затоа, според ОМД, дијаспората мора да продолжи да го ужива своето универзалното право на глас и да биде претставена преку свои пратеници во Собранието на Република Македонија, велат од ОМД.

Одземањето на правото на глас на Дијаспората е дополнително оттуѓување

ОМД: Одземањето на правото на глас на Дијаспората е дополнително оттуѓување
ОМД: Одземањето на правото на глас на Дијаспората е дополнително оттуѓување

Понатаму се нагласува дека во време кога на Македонија и е потребна секоја помош, политичките субјекти треба да работат на изнаоѓање начин како да ја привлечат дијаспората уште повеќе да и помогне на Македонија. Според ОМД, одземањето на правото на глас на Дијаспората е дополнително оттуѓување.

Од  ОМД велат дека тие се залагаат за олеснување на начинот на гласање со воведување електронско гласање, со што, како што велат,  би се зголемил бројот на гласачи и би се намалиле трошоците за гласање на дијаспората.

Ставот на ОМД е дека Македонија треба да има и Министерство за дијаспората, како Израел, Грузија, Словенија, Србија, Косово, Ерменија, Етиопија, и други земји со цел да се продлабочи врската меѓу иселениците и татковината. Од Владата на Република Македонија, се уште немаме добиено одговор по ова прашање, но се надеваме дека наскоро овој предлог ќе биде сериозно разгледан и дека ќе добиеме позитивен одговор, велат од ОМД.

Дијаспората има огромен капацитет за да придонесе за економскиот и демократскиот развој

За крај во соопштението се наведува дека Дијаспората поседува огромен капацитет да придонесе кон економскиот и демократскиот развој на Македонија.

Затоа ги повикуваме сите политички субјекти, наместо да ја дистанцираат дијаспората и да го отежнуваат нејзиниот искрен напор да и помогне на државата, да покажат почит и јасна заложба за искористување на способностите на дијаспората со единствена цел за напредок на Македонија и подобра иднина за македонските граѓани, стои во соопштението од ОМД.