Oглас за специјализација на доктори во Белград

Министерството за здравство на својата веб-страница и во дневните весници денеска објави оглас за испраќање 10 доктори по општа медицина вработени во јавно здравство на специјализација во Клиничкиот центар во Белград.

Со тоа продолжува реализација на проектот за испраќање 70 доктори од Република Македонија на специјализација во странство.

Министерот за здравство вчера рече дека продолжува реализацијата на проектот за испраќање македонски доктори на специјализација во странство, еден од позначајните проекти во здравството.

Посочи дека испраќањето 10 македонски лекари на специјализација во Клиничкиот центар во Белград било договорено на средбата со српскиот министер за здравство и одржаната заедничка седница на владите на двете земји.

Во огласот се повикуваат да се пријават сите заинтересирани доктори по општа медицина вработени во јавните здравствени установи, кои сакаат да ги усовршат знаењата и вештините во која било област во медицината, со посебен фокус на областите: гинекологија, анестезија, офталмологија и васкуларна хирургија.

Во рамки на проектот, Министерството за здравство ги покрива средствата за специјализација, сместување и пат во земјата во која се упатени, а за тоа време и натаму ќе земаат плата од ЈЗУ во која се вработени.