Припадниците на таканареченета „Огнена група“ ја напуштија во саботата седницата на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во партиското седиште во тетовска Мала Речица, и најавија дека ќе дејствуваат како фракција, на што партискиот лидер Али Ахмети возврати дека тоа води кон анархија во партијата
Блерим Беџети, кој е сѐ уште организациониот секретар на партијата, исткана за медиумите дека разликите се големи и од организациски аспект во самата ДУИ, но и во однос на дебатата за програмските определби. Критикуваше дека во рамките на партијата немале реални можности за дебата, а се користеле „двојни па и тројни аршини“ за одредени исти и слични прашања.
„Од денеска ние ќе имаме наши ставови, бидејќи ќе делуваме како фракција во рамки на ДУИ“, посочи Беџети.
„Бидејќи имаме разлики, значи ќе имаме наше политичко делување оти сметаме дека министрите ја узурпирале партијата со своите одлуки. Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите на Владата и тука да се разбереме не се само кадровските прашања, тоа се сепак релевантни значајни прашања, но, зборуваме и за програмските определби на ДУИ. Дали ќе бидеме во органите на партијата?, за тоа сепак не избрал друг орган.Ние ќе делуваме како фракција, се разбира ќе ги информираме сите бази и структури со кои деновиве ќе најдеме начин да се собереме за да ги информираме сите структури оти се многу и ќе продолжиме да градиме ставови за политички теми, како и за економски и социјални“, рече Беџети.
„Огнените“ заминаа од Мала Речица додека седницата на Централното претседателство на ДУИ сѐ уште траеше, посочувајќи дека засега не се разрешени од партисите функции.
Челникот на партијата Али Ахмети по седницата во изјавата за медиумите истакна дека фракции не се дозволени.
„Фракција врз основа на статутот на ДУИ и одлуките на Конгресот, не се дозволени. Да го почекаме Конгресот, на Конгресот јас повторно ќе предложам, со најдобра цел да победи мојот предлог за непризнавање на фракции во ДУИ. Секоја постапка надвор од Статутот е анархија. А анархијата е најголемиот непријател на демократијата. Начелото е малцинството да се придружи на мислењето на мнозинството, тоа е најдемократското начело. Во спротивно да направиме анархична партија и да работиме кој како сака“, рече Ахмети.