Огнот во Пинтија се доближи на 200 метри од куќите

Голем пожар избувна попладнето во неделата во шумата над скопската населба Пинтија, кој сè уште не е ставен под контрола, а огнот се доближил на околу 200 метри од првите куќи.

Со стихијата е зафатена поголема површина мешана шума на територија на општината Кисела Вода, објавија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожар над населбата Пинтија. Гори сува трева и ниска деградирана шума. На лице место се екипи од Бригадата за протипожарна заштита (БППЗ). Поради непристапноста на теренот, и големиот фронт на пожарот, гаснењето е отежнато. Моментно пожарот е на околу 200 метри од последните куќи. Состојбата се следи“, е наведено во постот на ЦУК на социјалната мрежа.

Како што соопштија од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, во гаснењето на пожарот учествуваат три возила со седум пожарникари, а ќе биде испратено уште едно возило.

Од ЦУК и информација дека пожарот над село Буковиќ е локализиран. Активен е дел од пожарот меѓу селата Ласкарци и Раовиќ. Во текот на ноќта ќе има дежурство од страна на БППЗ на Град Скопје за спречување на евентуално проширување на огнената стихија кон селата. Досега е зафатена површина од околу 100 хектари, а со интервенцијата ќе се продолжи во текот на утрешниот ден.

Шумски пожари има и над селото Долно Блаце и кај селото Мојанци над Арачиново, кои се од помал обем. На терен се испратени екипи на ТПП кои ги гаснат и овие пожари, информираа од Територијалната против пожарна единица на Град Скопје.