Огромен интересот за македонските производи во Русија, извозот зголемен

русија

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Македонско-руската стопанска комора, извозот во 2016 година достигнал 48,9 милиони евра што е раст за 39,5 отсто во однос на 2015, а намален е и трговскиот дефицит од 153 на 142,9 милиони евра. Вкупната трговска размена лани била 191 милион евра или 15 проценти повеќе од 2015 кога изнесувала 189 милиони евра.

Очекувањата  се дека годинава извозот ќе биде поголем и од 2016.

Според извршниот директор на Комората, Дејан Бешлиев, Македонија на рускиот пазар засега најмногу извезува вино, овошје и зеленчук, но присутна е и со фармацевтската и машинската индустрија.

Од декември 2016 потпишан е и првиот договор за извоз на млечни производи, а извоз подготвува и хемиската индустрија, истакна Бешлиев.

Тој ги презентираше и резултатите од саемот за храна и пијалаци во Москва, 24. „Продекспо“, на кој покрај 2.000 компании од 57 земји, учествуваа и седум македонски фирми од винската, млечната и конзервната индустрија.

Веќе четврта година извезуваме во Русија каде имаме пласирано еден милион шишиња под брендот „Македонско вино“. Презентацијата на Македонија како винска земја треба да продолжи зашто со оглед на квалитетот што го нудиме, можеме да се споредуваме со сите останати вински земји во светот, нагласи Јадранка Клариќ Кимовска од визбата „Стоби“.

И „Здравје Радово“ беше дел од „Продекспо“ од каде, како што информира Панделе Панделевски, се врати со уште еден потпишан договор за извоз.

Во декември 2016 го склучивме првиот договор за извоз, а веќе имаме трета нарачка. Овие наши првични резултати не охрабруваат и дополнително не мотивираат да го зачуваме квалитетот, потенцира Панделевски.

Нашите производи, додаде, на големите саемски манифестации се препознаени како висококвалитетни и се наоѓаат на премиум полиците што само по себе зборува за нивниот третман и од страна на домаќините и од страна на потрошувачите.

Македонско-руската стопанска комора се подготвува за следниот меѓународен саем во Москва што традиционално се одржува во септември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.