Јоханес Хан: Вие испорачавте, сега е ред на нас, Македонија заслужува да добие зелено светло

Еврокомесарот Јоханес Хан на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев во Брисел, истакна дека Македонија заслужува да добие зелено светло и јасен сигнал дека нејзините напори се уважени и почитувани. Тој рече дека земјата и граѓаните направиле толку многу болни и тешки реформи кои мора да бидат признаени.

„Реков дека Вие испорачавте, а сега е ред на нас. Уверен сум дека европските лидери ќе ја видат пошироката слика и ќе одобрат почеток на пристапни преговори. Во спротивно, ако после сето тоа што го демонстрираше Македонија во последните неколку години, каква порака ќе им упатиме на Србија и на Косово, за тие да почнат суштествен дијалог за решавање на спорот. Македонија треба да добие јасна европска перспектива и тоа да биде силен сигнал за целиот регион дека тешките одлуки се наградуваат“, посочи еврокомесарот Хан на денешната прес – конференција. Тој  истакна дека Македонија поминала долг пат кон евроинтеграциите и дека Македонците заслужуваат подобар живот.

„Ние како европјани треба да ги признаеме сите овие напори. Се работи за јасен сигнал за заложба за европските перспективи на земјите како Северна Македонија и Албанија. Ова се очекува после сите мерки кои се преземени од двете земји. Има многу говори дека Европа треба да има улога на светско ниво, но ако не може тоа да го направиме во нашиот двор, ќе изгубиме кредибилитет тоа да го правиме надвор. Можам да побарам од нашите идери да дадат зелено светло за процесот и се согласуваме со премиерот дека треба да работите на понатамошно брифирање на нашите методологии.“ – истакна Хан.

Тој уште еднаш изрази оптимизам дека во петок ќе има позитивна одлука укажувајќи дека европските лидери треба да разберат дека со овозможувањето пристапни преговори, тие нема да почнат наредната недела, туку откако и Комисијата и земјите членки ќе се подготват за нивен старт, па дури и со новата методологија која ја сугерира Франција.

„Немојте да ни ги гасите светлите ѕвезди кон кои се стремиме, туку бидете нашите херои и дајте ни го тоа што го заслужуваме“, им порача на европските лидери премиерот Зоран Заев. Тој истакна дека датум за преговори на Македонија ѝ треба сега и веднаш, без одложување бидејќи граѓаните и институциите сторија се што се бараше.

„Разочарувањето ако не добиеме датум ќе биде многу големо и кај граѓаните и кај пратениците кои ги поддржуваат процесите. ЕУ ќе го загуби кредибилитетот и довербата, а тоа ќе отвори можност, вакуумот што ќе создаде да го пополнат некои други, регресивни, трети страни“, предупреди Заев.

„Политички и институционално сме подготвени да ги почнеме преговорите. Одлуката за започнување на пристапните преговори за нас значи нов процес на задачи, рокови и упорна работа на граѓаните, институциите и целото општество. Тоа е процес на отворање на поглавја, кои ќе ни овозможат да ги постигнеме стандардите на Европската унија и да го подобриме животот во Македонија во сите области“, рече  Заев.

„После десет позитивни препораки на „Европската комисија, оптимистичките заклучоци на советот во 2018 и 2019-та година и сите наши потврдени резултати и реформски зафати, после се што направивме, Владата, парламентот, сите институции, јас како премиер, опозицијата, особено мојот народ, сигурни сме и убедени како никогаш досега, дека треба да започнеме со преговорите“, посочи Заев.https://www.facebook.com/zaevzoran/videos/2182017332090598/?t=0