Охис и 17.000 разбојници

Поминаа три дена откако се селучи инцидентот not good, not terrible во кругот на фабриката ОХИС. Со одлучна интервенција на Царовска, со 17.000 се е покриено.

Денес е вторник и случката е далечно минато. Можеше и да потрае некој ден подолго, јас со мојата наивност за долгортајните загрижености кај плебсот, но ете, 17 иљадарки ја покрија целата животозагрозувачка состојба во која се најдовте. Протести? Ма дај ве молам. Па, за оваа власт кој ќе протестира? Зошто би протестирал? Јас не сретнувам незадоволни и несреќни луѓе. Луѓето го читаат Саше Политико кој има повеќе реклами одошто десет провладини медиуми заедно, нејсе.

Мислам дека незадоволството на рајата беше поголемо од она што беше кажано од министерката одошто ОХИС да подавеше пола град. Другата половина ќе беше со она – добро е, јас куртулив, а и градов малку ќе биде пораат, помалку жители, помалку гужва во сообраќај сабајле кога идам на работа или за викенд кога итам во трговските центри. …Хммм Сакате подобра аналогија? Ова е како на погреб, кога се спушта сандакот неколкумина искрено и со болка жалат, остатоткот е со помисла – добро е – не сум јас.

Што сакала да каже Царовска, дали цитирала, анализирала, дали не бил нејзин став, воопшто не е важно, нека му ја мисли, како човек на таа позиција, и тоа како треба да изнесеш емпатиски став дека 17.000 е ужасно малку и така уште ќе пожнееш симпатии, вака сега, како некогаш во стилот на „Курир“, шарените борци за слобода заокружуваат со црвено кој бил достоен – кој не, да застане со социјалците на протест. Не си професор по математика, па шкрабаш алгоритми на табла.

Се сеќавате за торбата Луј Витон со два миљона, па таква фрка не се дигнала последниве три години, откако народ виде куп пари. Паметите наочарите на Груевски? Оние, скупите – знаете ли дека таа фотографија беше најголемиот пад во рејтингот му скупоцен негов?

Знаете ли дека протестот за правата на животните беше поголем одошто протестот против уставната измена на името?

Секогаш кога намерно вака провоцирам и преувеличувам, ми се јавуваат гледачите и ми велат – народот е уплашен, народот е во апатија, не верува дека нешто може да смени…

А, во грло ми стои да отворам тема за протестите во Чиле каде цел народ се крена на нозе во силни протести поротив поскапувањето на градскиот превоз. Секако, не сакам и тука како и таму да им 18 жртви, но едно – народот таму се бори. Овде не?

Изгледа дека сме биле некаква аристократија во минатото и не сме научени многу да се бориме, потиме, стално чекаме некој друг да ни ја заврши работата.

Се’ би било добро кога барем на избори би излегувале ултра – масовно и никогаш да не дозволиме паразити кои со децении ни се упикуваат во парламентот повторно да ги бираме, арно ама, народот на избори гледа како на избор на нова комисија во завод за вработување, а не како идеолошка или економска, долготрајна стратегија и за подобро утре на нашите деца.

Кармакаша – попара од неврзани ставови во една колумна без поента, ама после 20 години дволичноста кај „народот – партиски послушници“ станува навистина неподносливо како смрдеа од Охис или како 17.000 месечно за 4 члено семејство.

Сакам да видам во парлементот луѓе кои никогаш не сум ги видел, кои до вчера биле само на Фејсбук, Твитер, кои никогаш не биле на ТВ, напишале колумна, не биле у дебатни дрн дрн… анонимуси. Сакам во парламентот и да видам „старлети“ како во италијнскиот кога беше Чичолина, оти велам, една проститутка може да има повеќе принцип и доблест одошто бескичмењациве кои се претворија во линдан.

Седите си раат, да сте убедени, оваа земја е жив доказ дека БОГ постои, вака некадарни и неспособни, а сепак опстоивме и постоиме… што треба повеќе?

(во пишувањето на колумнава е употребен  уред за амплификација на цинизмот Циник 9000)

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.