Охрид ја троши најслабата туристичка сезона

42

Охрид календарски ја троши веројатно најслабата туристичка сезона последните неколку децении. Оваа 2020 година требаше да биде рекордна, кога станува збор за туризмот и тоа според повеќе параметри, од предвидените дополнителни авионски линии и нови чартер-летови до охридскиот Аеродром, се до значајните вложувања во подобрувањето на севкупната сместувачка и услужна понуда изминатите неколку години.

Епидемијата на корона-вирусот резултираше со откажувања на сите заклучени аранжмани во хотелите, исто како и кај приватните станоиздавачи каде оние што работат преку закуп однапред, односно со откажување на сите однапред предвидени ноќевања.

Сезоната што требаше да е во полн ек ја карактеризира мошне слаба посетеност. Градот ова време минатите години беше полн со гости, но сега ситуацијата е далеку од посакуваното. Најпогодени се угостителските објекти, кафулињата и рестораните. На најфреквентните места во градот и на крајбрежјето посетеноста на локалите е благо речено очајна, во секое време има празни места за седење во објектите каде изминатите години едвај се наоѓаше слободна маса. Според зборовите на угостителите, прометот што го остваруваат сега е една четвртина, па и помалку отколку во истиот период изминатите години.

Новите протоколи за работа на плажите и мерките за олеснување на работењето на угостителските објекти можеби ќе значат малку порелаксирана атмосфера, но генерална е оценката кај угостителите дека луѓето се одвикнаа да седат по кафулиња. Градот бележи каква таква посетеност само за викендите. И тогаш кога има гости од другите градови во Охрид, тие посетата ја користат за прошетки покрај Езерото, по Кејот, денот го минуваат на плажите, ретко седнуваат по кафеани и ресторани.

Шпицот на сезоната вообичаено е за викендот на празникот Илинден, кога посетеноста на Охрид бележи максимум. И оваа година ќе важи истото непишано правило. Забележана е зголемена заинтересираност за сместување кај приватните станоиздавачи, но за периодот после 20 јули, и некаде до после илинденските празници, кога посетеноста постепено опаѓа. Секако тука треба да се исклучат сопствениците на станови и викендички во Охрид и на крајбрежјето затоа што нивните трошоци додека се тука главно отпаѓаат на набавка на прехранбени намирници од продавниците и пазарите, а многу помалку средства се издвојуваат за трошење по рестораните.

Во сегашните околности, временските прилики се можеби решавачкиот фактор што ќе ја детерминира посетеноста на Охридската ривиера оваа сезона. Освен за викендите и празниците градот тешко ќе се наполни со гости без поголеми горештини што би ги натерале луѓето да излезат од градските средини и да побараат освежување покрај езеро или можеби на планина.

Сите позначајни забавни, кутурни и спортски манифестации се откажани, дел одложени за подобри времиња. Неизвесно е одржувањето и на оние културни и забавни содржини предвидени за идниот месец, оттаму што нивното одржување се уште директно зависи од околностите што ги наметнува епидемијата со КОВИД-19.

Можеби некои од мерките за поддршка на туристичкиот сектор како ваучерите за одмор ќе придонесат за ублажување на последиците од ситуацијата, но кога станува збор за Охрид позначајни очекувања кај охридските туристички субјекти нема затоа што тие средства се релативно мали за одмор во нашето најпознато туристичко место каде цените на услугите и сместувањето се вообичаено повисоки отколку во останатите туристички дестинации.

Засега странски гости во Охрид се единствено вработени во дипломатско-конзуларните претставништва или службеници на странски компании во земјата. Најголема група туристи досега ова лето беа два автобуса со туристи од Србија, но и за нив сега Охрид е недостапен со оглед на воведните мерки за ограничување влез на српски државјани во земјава.

Што се однесува на протоколите за работа на плажите, тука нема што позначајно да се очекува оттаму што на уредените плажи сопствениците едвај чекаат гости, додека на останатите делови од крајбрежјето каде нема концесионери прашање е кој ќе води сметка дали посетителите се придржуваат кон мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.

Недвојбено ова ќе биде најтешката година за охридскиот и воопшто туризмот во земјата, најмногу поради тоа што нема гости. Се поизвесно е дека ќе ги откажат договорените аранжмани и оние тур-оператори што најавуваа дека доколку се нормализира колку-толку ситуацијата повторно ќе летаат кон Охрид, дури и со намален број патници и помал број закупени капацитети од претходно договореното.

Самите хотелиери веќе не очекуваат оваа сезона да има странски гости што би дошле преку организирани патувања, додека за домашните исто со оценка дека ваучерите што ги додели државата како помош ќе бидат искористени за сместување во приватно сместување или во сместувачки капацитети од пониските категории. Потврда на тоа е и многу слабата заинтересираност на гости за сместувачките капацитети од повисока категорија, каде и цените се повисоки.

И Светската туристичка организација прогнозира дека оваа 2020 година ќе биде најслабата кога е во прашање туризмот, со пад на остварените добивки во секторот за некаде над 70 проценти. Светските дестинации успехот во туризмот оваа година ќе го мерат според тоа колку ќе биде помал минусот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.