Охридска банка станува дел од групацијата Шпаркасе

32

Штаемеркише Банка и Шпаркасен официјално ја купија Охридска банка за 48 милиони евра со што станува сопственик на 91 отсто од акциите. Оваа банка ќе биде четврта по големина во земјава и ќе држи 14 отсто од банкарскиот пазар.

Засега сметките на клиентите Охридска Банка, како и условите за кредити дефинирани со договорите, ќе останат непроменети. Двете банки ќе функционираат како засебни правни субјекти. Спојувањето на Охридска со Шпаркасе банка Македонија, се очекува да се случи во вториот квартал од 2021 година.

„Денес стануваме дел од една нова групација, влегуваме во нови предизвици, но со многу поголемо искуство и со добри финансиски перформанси. Изминатата година Охридска банка ги оствари историски најдобрите резултати и со тоа ја зацврстивме нашата заложба да бидеме партнер на домашните и странски команија на нашите клиенти и економијата“, рече Нина Неданоска, претседателка на Управниот одбор на Охридска банка.

На денешната прес-конференција по повод купувањето на Охридска банка од страна на Штаермаркише Шпаркасе беше кажано дека целосната интеграција се очекува да се случи во април 2021, а дотогаш ќе функционираат двете банки.

„Ќе моделираме една нова, модерна и помоќна Шпаркасе банка. Државата ќе ја добие четвртата најголема банка со пазарно учество од 14 отсто. Оваа банка ќе донесе бројни бенифити за клиентите, ќе отвори нови перспективи во економијата и ќе овозможи подигање на нивото на целиот банкарски систем “, додаде Неданоска.

Една од првите придобивки за клиентите на двете банки ќе биде можноста за користење на повеќе од 120 банкомати низ земјава, како и можноста за подигнување на средства од банкоматите со дебитни картички без провизија почнувајќи од први јануари наредната година.

Како што кажаа членовите на Управниот одбор на Штаермаркише Шпаркасе, Георг Бухер и Герхард Фабиш една од причините поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е потпишувањето на Договорот со Грција.

„Со купувањето на една од водечките банки во Северна Македонија ќе станеме уште посилен партнер во економијата. Заедно ќе располагаме со значително поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси“, рече Фабиш.

Штаермеркише Шпаркасе купи 91,57 отсто од акциите на Охридска банка за 48 милиони евра.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.